X
 21.10.2018 Наука

Мени од времето на неолитот

Благодарение на нова истражувачка метода, меѓународна група истражувачи, на чело со археологот Ева Розенсток, неодамна на подрачјето на денешна Турција со анализа на наслаги од глинени садови стари осум илјади години откри дека нашите праисториски предци се хранеле слично како што се храниме и ние денес - со житарици, мешунести растенија и млечни производи, претежно сирење и млеко.

Интересно е што во неколку садови, покрај млекото, пронајдена е и сурутка. Нејзините остатоци ги навеле истражувачите да заклучат дека припадниците на овие одамна исчезнати цивилизации знаеле како се прави јогурт и сирење.

И додека широко применуваната анализа на остатоците од липиди е најчест начин за утврдување на потеклото на храната од праисториските садови, анализата на протеините, која е користена во ова истражување, овозможила уште подетален увид во менито на нашите предци.

Главната предност на анализата на протените лежи во поразновидниот и попрецизниот увид. Имено, протеините можат лесно да се разликуваат, дури и ако во садот имало повеќе видови житарици или ако садовите биле користени повеќе пати (што не е редок случај), што е, како што се истакнува, речиси невозможно да се изведе со анализа на мастите. Дополнителна причина е и тоа што липидите најчесто се наоѓаат во животинското месо, а протеините во разновидните хранливи растенија, што овозможува целосен увид во разновидноста на исхраната на древните народи.

Сепак, анализата на липидите овозможува утврдување на потеклото на остатоците од храна стари повеќе од десет илјади години, што на археолозите им го олеснило процесот на реконструкција на начинот на живот на многу стари цивилизации, водењето на домаќинството и потрошувачката.

Кога станува збор за протеините, истражувачите во својот труд наведуваат дека сѐ уште не се знае колку долго протеините можат да му одолеваат на времето и треба да се направат уште истражувања кои, покрај запознавањето на кулинарските навики на нашите предци, би придонеле и за унапредување на овие нови, необично прецизни методи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука