Грција е популарна дестинација за летување, па затоа, една анализа на цените за лежалки и чадори во земјата на веб-страницата „Грчка инфо“ би можела да биде корисна за многумина. Анализата била направена со помош на информации од туристи и членови на група на „Фејсбук“ кои минатата или оваа година летувале во Грција.
Касандра и централен дел од Халкидики
Халкидики е дел каде има многу плажи каде не се плаќа за лежалка и чадор доколку купите пијалок, но има исклучоци. Така, во Неа Флогита се добива комплет од 3 лежалки, чадор, маса и столици со порачка на кој било пијалок од 3 евра, но не може да ја напуштите плажата и потоа пак да се вратите.
Во Ипанема, 2 лежалки чинат 15 евра, а во Неа Потидеа некои сместувања вклучуваат користење чадори и лежалки. Во Ханиоти цените се разнолики, но најчесто се плаќа од 8 до 10 евра за 2 лежалки и чадор, додека пијалаците се плаќаат одвоено. Има и поскапи опции.
Фото: Pixabay
Некои туристи забележале поскапувања во однос на претходната година, па на плажа во Ханиоти комплет од лежалки и чадор поскапел од 7 на 12 евра. Во Полихроно, за 5 евра се добива пијалок и лежалка, а има места и каде лежалките се бесплатни ако купите пијалок.
Во Пефкохори, комплет чини од 8 до 10 евра, но има места каде комплетот е гратис со пијалокот. На некои популарни плажи околу Пефкохори се плаќа влез од 15 до 20 евра по лице. Во Афитос, за 10 евра се добиваат 2 лежалки, чадор и пијалок. Во Палиури, две лежалки чинат 8 евра, а пијалокот се плаќа одвоено.
Ситонија
На Ситонија цените се разликуваат од место до место. На популарните плажи дури и во септември лежалките се плаќаат од 5 до 10 евра. Во Неос Мармарас, на градската плажа се добиваат лежалки со пијалок, како и на плажата Парадизо. Во Сарти и Торони, лежалки се добиваат со пијалок, а во Метаморфозис за 4,5 евра се добиваат 2 лежалки и чадор за целодневно користење.
Фото: Pixabay
Во Никити и Псакудиа лежалка се добива со порачан пијалок, а во Трани Амуда сет лежалки во првиот ред чинат 10 евра, а останатите по 5 евра. Во Лагониси, првите три редови се поскапи, па таму лежалките чинат од 15 до 20 евра по лице, додека тие подалеку се 10 евра по лице.
Атос, Халкидики
Во Јерисос, некаде има бесплатни лежалки со пијалок, а некаде се плаќаат по 10 евра за цел комплет, без пијалок. Во Уранополис, Дренија и околните плажи, комплет се добива со пијалок.
Тасос
Туристите проценуваат дека околу 80 отсто од плажите даваат бесплатни лежалки за користење со порачан пијалак. Во Нотос, лежалки без пијалок чинат од 5 до 10 евра, а на Мермерната Плажа комплет лежалки чинат 20 евра, но со тоа се добиваат 2 пијалоци.
Фото: Pixabay
Во Потос, цената за сет лежалки се движи од 3 до 10 евра. Во Макријамос посебно се плаќа за влез, паркинг, лежалки, чадор и пијалок, а во Глифонери, лежалка чини 2 евра.
Лефкада
Просечната цена за лежалки и чадор на Лефкада изнесува од 6 до 8 евра. На поексклузивните плажи, во Порто Катсики, 30 евра чинат само лежалките, а во Катисма цените за лежалки се движат од 8 до 20 евра. Во Сивота и околината, лежалките чинат од 7 до 10 евра без пијалок во јули. Во Милос и на Агиофили, цената за лежалки е 15 евра.
Крит
На Крит има многу плажи каде бесплатно се користат лежалки, а најчестата цена е од 6 до 7 евра за две лежалки и чадор. Парга Комплет лежалки со чадор може да чини од 10 до 15 евра, а на плажата Каравостаси комплетот се добива со пијалок. Во Валтос, сет лежалки чинат од 7 до 10 евра, во Врахос се бесплатни со пијалок, а во Лихнос се плаќа од 5 до 7 евра.
Кефалонија
Цените за целодневно користење на лежалки и чадор се околу 8 евра во Ласи, а 6 евра на плажата Лурдес. Тие се бесплатни со пијалок во Порос, а чинат 10 евра по лежалка во Антисамос.
Крф
Комплет лежалки со чадор најчесто се плаќа од 8 до 10 евра и се добива еден пијалок по лежалка. Во Барбати, сетот е од 6 до 10 евра без пијалок, а на плажата Глифада се поскапи и може да се движат од 10 до 30 евра.
Киклади
На островите комплет лежалки најчесто се наплаќа околу 10 евра. На Миконос, цените одат до 25 евра, па и многу повеќе за ВИП гости, на Санторини се од 10 до 15 евра без пијалок, а на Вилхада се 10 евра до 16 часот, а потоа се 5 евра.
Кавала
Во Керамоти, 3 лежалки и чадор се бесплатни со конзумација, како и во Неа Ираклитса и Неа Перамос. На плажата Амолофи, сет лежалки и 2 пијалоци чинат 8 евра.
Фото: Pixabay
Пелопонез
На многу места, лежалките се добиваат со пијалок, но во Нафплио се наплаќаат 10 евра во септември. Во Лутра Килини, сет и пијалок чини 6 евра.
Родос
На градската плажа, комплет е 10 евра, а со фискална сметка може и да ја напуштате плажата. Во Ели, подгответе 10 евра по лице без пијалок, иако се добива крпа за користење. На останатите плажи цените за комплет се движат околу 10 евра без пијалок.
Останати дестинации во Грција
На Скијатос, на плажата Трулос, сет лежалки чини 20 евра за двајца. На Закинтос, лежалки чинат 8 евра во септември, во Егина тие се од 8 до 10 евра, а во Пилион се од 5 до 8 евра без пијалок.
Извор:
Grcka info