Шефовите на популарните одморалишта на Балеарските и Канарските Острови вовеле казни за оние кои ги оставаат своите предмети на плажа кога, на пример, одат на ручек или пред одење на спиење, само за да го зачуваат „нивното“ место на плажата за наутро.
Лежалките и чадорите се однесени во локалната полициска станица, а туристите мора да платат еквивалент на 210 фунти за да ги земат. Новите правила се само најновиот развој во шпанската војна против туристите, што доведе до големи протести летово, па дури и напади со водени пиштоли врз посетителите. Демонстрантите, исто така, ги окупираа плажите на островот Мајорка во обид да ги вратат за локалното население.
Локалните закони во крајбрежните области сега забрануваат поставување лежалки, пешкири или чадори пред 9 часот наутро, во обид да ги спречат да се мешаат во чистењето на плажите во одморалиштата. Фотографиите споделени на социјалните мрежи покажуваат дека полицијата во Малага ги спроведува правилата, додека униформираните полицајци ги отстрануваат лежалките од плажата. Одделни слики покажуваат полициски возила преполни со одземени столици и чадори. Еден лут корисник напишал објава на „ТикТок“: „не можете да заземете место на плажа додека сте излезени на ручек, но да, можат да ви ја заземат куќата“ - мислејќи на непопуларните закони за сквотерство во Шпанија.
Други, пак, ги поздравиле новите правила. Една страница на „Фејсбук“ посветена на шпанскиот туризам пишува:
-Каде се туристите? Ќе ви кажеме... спијат или ручаат. Оваа практика, која се спроведува долги години, почнува да се регулира од градските совети на крајбрежјето, затоа што не е нормално да се дојде во 9 или 10 часот наутро и да се види дека првиот и вториот ред на плажата се полни, а таму нема никој. Шпанските медиуми објавија дека правилата забрануваат неселективно окупирање на земјиште во јавна сопственост и посебно се повикуваат на окупацијата на плажите со предмети како што се столици, лежалки и чадори од раните утрински часови.
Локалните закони, исто така, бараат да се отстранат чадорите, столовите или лежалките кои се оставени без надзор повеќе од три часа. Доколку има докази дека предметите се оставени без надзор, градското собрание, преку локалната полиција или нејзините општински редари, може да ги отстрани.
Ова лето илјадници демонстранти излегоа на улиците на Шпанија за да се изјаснат против масовниот туризам во земјата. Во јули илјадници демонстранти маршираа низ Барселона мавтајќи со плакати и пукајќи со водени пиштоли кон туристите. Протестот беше организиран под слоганот „Доста! Ајде да ставиме ограничувања на туризмот“, за да се побара нов економски модел кој ќе ги намали милионите туристи кои ги посетуваат секоја година. Демонстрантите носеа табли на кои пишуваше „Барселона не се продава“ и „Туристи, одете дома“.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik