Живееме во 21 век и на располагање ни се веб и мобилни апликации, мултимедијални игри, видеа и низа други алатки што го прават животот полесен. Зошто тогаш и буџетот да не го направиме подостапен за граѓаните, користејќи ги овие алатки – објаснува Тевдовски
Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој првпат го организираа „Фин Хакатонот“, натпревар на кој многу млади креативци го покажаа својот талент. Победниците со полна пареа веќе работат на нова веб-апликација, видео и игра за граѓанскиот буџет на Македонија.
Институциите се тука за граѓаните, а не обратно
Министерот за финансии Драган Тевдовски за Факултети.мк раскажува дека поминал многу време со овие млади луѓе и дека најмногу се одушевил од нивната посветеност, но и од тоа колку брзо ги совладале јавните финансии. Но, прво за идејата за натпреварот.
- Институциите се тука за граѓаните, а не обратно. Ако сите размислуваме во оваа насока, ќе станеме подобро општество. Во делот на финансиите најважна е транспарентноста. Знам дека многу зборувавме на оваа тема. Сепак, единствен начин граѓаните да имаат контрола врз трошењето на државните пари е да имаaт увид во тоа. Буџетот е од граѓаните за граѓаните. Затоа сакавме токму од нив да дојде идејата за „граѓански буџет“.
Живееме во 21 век и на располагање ни се веб и мобилни апликации, мултимедијални игри, видеа и низа други алатки што го прават животот полесен. Зошто тогаш и буџетот да не го направиме подостапен за граѓаните, користејќи ги овие алатки – објаснува Тевдовски.
Тевдовски со победничките тимови
Министерот вели дека е среќен што неговиот тим е составен од креативни луѓе кои сакаат да го променат начинот на кој функционираат институциите. Идејата за добивање на овие производи преку организирање Хакатон потекнала од неговиот советник Виктор Митевски.
- Тој напорно работеше на „Фин Хакатон“, од замисла до реализација, но и многу други колеги од Министерството за финансии помогнаа беспрекорно да се организира Хакатонот. Настанот го поддржа Фондот за иновации и технолошки развој со награден фонд од 1,5 милион денари. Тие во него препознаа потенцијал за креирање стартапи и производи кои ќе може да се продаваат на пазарот.
Резултатот беше одличен. На 10-тиот кат од Министерството за финансии, 48 часа, во текот на викендот, 6 тима млади луѓе работеа на развој на своите идеи.
На едноставен и приемчив начин ќе ги објасниме јавните финансии
Целта на овој натпревар е да им се даде можност на младите луѓе да развијат идеи и производи кои ќе им помогнат во нивната професионална афирмација, но и ќе ѝ послужат на целата македонска јавност. Го прашуваме Тевдовски дали Министерството развива нов начин на комуникација со младите?
- На „Фин Хакатонот“ имаше прекрасна енергија, добро дружење и одлични идеи, кои наскоро ќе станат финални производи. Овие производи ќе бидат наменети за сите граѓани во Македонија. Ова е голема шанса за младите професионалци што победија на „Фин Хакатонот“. Дополнително, тие ќе можат да го развијат својот производ и понатаму да го продаваат. Сакаме да слушнеме што имаат да кажат луѓето, без разлика на возраста. „Фин Хакатонот“ беше еден од каналите на кој ете најмногу се поврзавме со младите луѓе. Ги користиме и социјалните мрежи. И јас лично од неодамна ги истражувам Инстаграм (@dragantevdovski) и Твитер (@dtevdovski)... И во иднина ќе користиме нови и различни канали за да се поврземе со граѓаните – вели тој.
Младите го одушевиле и со знаењето за јавните финансии
Очекува есенва кога ќе бидат готови веб-апликацијата, видеото и играта, со нивна помош сите граѓани да добијат повеќе информации за буџетот.
- Она што го баравме кај овие производи е на едноставен и приемчив начин да се објаснат јавните финансии. Кај победничките решенија тоа е постигнато.
Победија два тима. Тевдовски имаше можност да се дружи со младите иноватори додека работеа на своите решенија. Вели дека најмногу го восхитиле со нивната посветеност да го завршат проектот.
- Најголем дел од нив буквално работеа 48 часа, без сон, без престан. Ме воодушеви колку бргу навлегоа во јавните финансии. Најголем дел од нив не се по струка економисти и немаа предзнаења за буџетот. Темата на предизвикот се објави на буткампот - непосредно пред почетокот на Хакатонот. Така што овие млади програмери, инженери, многу добро се снајдоа и одговорија на предизвикот. Сите тие би биле и одлични економисти – раскажува министерот.
Министерството за финансии, по ова искуство со овие млади и талентирани луѓе, има обврска да организира нов „Фин Хакатон“. Но, Тевдовски вели дека и неговите колеги од Владата изразиле интерес за ваков тип натпревари, па можеби и некое друго министерство вака ќе ги отвори вратите за младите.