X
 21.07.2020 Наука

Лепилото што ги држи нашите патишта може да стане токсично кога е изложено на сонце и дожд

Може да имаме проблем со нашите патишта: истражувачи открија дека сончевата светлина и дождот можат да претворат некои состојки во асфалтот во потенцијално опасни јаглеводороди, со што би станале закана за околината и за луѓето што ги користат тие маршрути.

Поточно, проблемот е во асфалтниот цемент. Ова тешко црно лепило се користи за да ги држи заедно камењата, песокот и чакалот. Направено е од остатоци од сурова нафта на самиот крај од процесот на дестилација.

Иако протекувањето на токсичките, канцерогени полициклични ароматски јаглеводороди (ПАХ) од асфалтот околу патиштата беа испитувани порано, досега не се сметаа за доволно голем проблем кој би влијаел врз човековото здравје - нешто за што истражувачите кои стојат зад последната студија предупредија дека ќе го испитаат дополнително.

- Долготрајната стабилност на материјалите изведени од нафта во околината секогаш ми било куриозитет. Знаејќи ја нивната композициска и структурна сложеност, изгледаше неверојатно дека тие би биле безопасни за околината. Како мазните црни патишта се претвораат во сиви груби патишта? И каде оди сиот тој асфалт - прашува хемичарот Рајан Роџерс од Државниот универзитет на Флорида.


Тимот направил експеримент каде што облога од асфалтен цемент била ставена на стакло, пред да биде прекриена со вода и изложена на соларен симулатор една недела. Еден примерок бил чуван во темница цела недела за да се направи споредба.

Со користење техника со ултрависока резолуција наречена Fourier transform ion cyclotron resonance mass spectrometry (FT-ICR MS), истражувачите ја анализирале водата околу осветлениот примерок и контролниот примерок. Изгледа дека соларната енергија реагира со состојки што содржат кислород во водата за да ослободи потенцијално опасни јаглеводороди од асфалтниот цемент. Овој процес, познат како фотооксидација, исто така се случува и кога истекува нафтата.

- Го зедовме овој примерок од пат и кон него пуштивме вештачка сончева светлина во присуство на вода. Потоа ја разгледавме водата и утврдивме дека има компоненти што се изведени од нафта и веројатно се токсични. Исто така, утврдивме дека повеќе компоненти се исцедиле со текот на времето - вели хемичарката Сидни Најлс од Државниот универзитет на Флорида.


Всушност околу 25 пати поголема количина на хидрокарбонати истекле во водата во главниот примерок во споредба со контролниот, навестувајќи ја улогата на сончевата светлина во производството на молекули. Што е поважно, јаглеводородите исто така содржат повеќе од вообичаениот број атоми на кислород, помагајќи во растворливоста на соединението. Осветлениот примерок на крајот имал повеќе од 15.000 различни молекули што содржеле јаглерод.

Ова сè уште не е доказ дека истекувањата од асфалтот изложен на секојдневните временски услови се отровни, но со оглед на генералната токсичност и канцерогена природа на вакви ПАХ, реакциите дефинитивно се причина за загриженост.

Следната фаза е да се испитаат хемиските реакции за да се види како се трансформираат соединенијата и да се утврди до кој степен асфалтниот бетон генерира контаминанти растворливи во вода.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука