Веста за експерименталната вакцина против коронавирусот, која ја разви Универзитетот во Оксфорд како сигурна и ефикасна, а која го активира имунолошкиот систем, го привлече вниманието на јавноста во светот.
Вакцината наречена ChAdOx1 nCoV-19 се развива неверојатно брзо. Направена е со генетички инженеринг на вирус кој инаку предизвикува настинка кај шимпанза.
Вирусот е изменет така што да не може да предизвика инфекции кај луѓето и што повеќе да „личи“ на коронавирус, па имунолошкиот систем може да научи како да го нападне.
Како дејствува вакцината?
Научниците, како што велат, досега се занимавале само со антителата, но тие се само еден дел од нашата имунолошка одбрана. Антителата се мали протеини кои ги создава имунолошкиот систем, а кои се лепат на површината на вирусот и можат да го онеспособат.
- Т-клетките, вид бели крвни зрнца, помагаат во координацијата на имунолошкиот систем и благодарение на нив, тој уочува кои клетки се заразени и ги уништува. Речиси сите делотворни вакцини вклучуваат антитела и Т-клетки. Бројот на Т-клетки го достигна својот максимум 14 дена по вакцинацијата, а нивото на антитела го достигна максимумот по 28 дена - се наведува во студијата.
Студијата не траеше доволно долго за да се утврди колку трае имунитетот, но покажа дека вакцината е сигурна.
- Навистина сме задоволни од резултатите што ги објавивме. Исклучително се ветувачки и веруваме дека вакцината може да биде доволно добра за да заштити од коронавирусот - истакна професорот Ендрју Полард од истражувачката група од „Оксфорд“.
Студијата покажа дека 90 отсто од луѓето развиле неутрализирачки антитела по една доза од вакцината. Само 10 лица добиле две дози.
Дали вакцината е сигурна?
Вакцината против коронавирусот е сигурна, но има одредени нуспојави што не се опасни. Околу 70 отсто од испитаниците по вакцинацијата имале температура или главоболка. Истражувачите велат дека тоа би можело да се реши со употреба на парацетамол.
- Има уште многу пред да можеме да потврдиме дали нашата вакцина ќе помогне во справувањето со пандемијата на коронавирусот, но овие први тестови ветуваат - истакна професорката Сара Гилберт.
Главната цел на понатамошните испитувања е да се обезбеди сигурност на вакцината за луѓето. Студијата не може да покаже дали вакцината може да спречи луѓето да се разболуваат или да им ги ублажи симптомите на Ковид-19.
Повеќе од 10.000 лица ќе учествуваат во следната фаза на испитување во Велика Британија, 30.000 лица во САД, како и 2.000 лица во Јужноафриканската Република и 5.000 во Бразил.
Вакцината против коронавирусот би можела да биде достапна до крајот на годината, но нема да биде широко достапна.
Здравствените работници ќе имаат приоритет, како и лицата што се изложени на висок ризик од Ковид-19. Потоа, на почетокот од идната година ќе почне и распространувањето на вакцината.
Извор:
N1
Насловна фотографија: Pixabay