X
 28.03.2022 Наука

Колку е ефикасна четвртата доза од вакцината против ковид-19?

Одделни студии на двата најголеми здравствени фондови во Израел посочуваат дека четвртата доза од вакцината значително го намалува ризикот од смрт од ковид-19 во споредба со заштитата што ја нудат три дози.

Израелските медиуми јавуваат дека овие резултати се особено релевантни во време кога потсојот на омикрон БА.2 предизвикува зголемување на бројот на заразени низ Израел и во многу други земји.

Истражувањето опфатило 563.465 луѓе на возраст од 60 до 100 години кои примиле три дози од вакцината. Тие биле поделени во две групи, оние што примиле четврта доза (58 отсто) и оние што не ја примиле.

Истражувачите ги споредиле стапките на смртност во двете групи од 10 јануари, една недела по одобрувањето на четвртата доза, и 20 февруари. Резултатите покажале дека четвртата доза го намалила ризикот од смрт од коронавирусот кај постарата популација за 78 отсто.

Истражувањето, спроведено во соработка со Факултетот за здравствени науки на Универзитетот во Бен-Гурион, сè уште не е прегледано и моментално се подготвува за објавување во медицинско списание.

Д-р Дорон Нечер од Клалит ја објасни важноста на резултатите поради мислењето дека омикрон предизвикува лесна болест и дека не е потребна дополнителна вакцина.

- Резултатите од студијата покажуваат дека четвртата доза е во голема мера поврзана со намалена смртност од коронавирусот, вклучително и омикронот - рече д-р Нечер.

Студијата на Фондацијата „Макаби“ ја испитуваше ефикасноста на вакцината девет недели, од јануари до март, меѓу 100.000 члена на фондот, 60-годишни и постари вакцинирани со три дози.

kovid
Фото: Freepik

Се покажа дека четвртата доза е 73 отсто поефикасна во спречување тешки болести од три дози.

Сепак, помалку од еден отсто од учесниците во студијата што биле вакцинирани со најмалку три дози имале тешки симптоми на ковид-19. Резултатите покажале и ефикасност против инфекција со коронавирус.

Три недели по примањето на четвртата доза ризикот од инфекција бил намален за 64 отсто во споредба со оние што примиле само три дози, но десет недели по вакцината ризикот се намалува на 29 отсто, што значи дека дополнителната заштита исчезнува побрзо отколку по третата доза.

Истражувачите велат дека се потребни нови студии за да се одреди времетраењето на заштитата што ја нуди четвртата доза. Таа беше одобрена на 2 јануари за лица постари од 60 години и здравствени работници на почетокот на омикрон-бранот во Израел.

Сепак, и покрај ширењето на инфекцијата, 750.000 луѓе се согласиле на четвртата доза, додека 6,7 милиони примиле една доза, 6,1 милиони две и 4,4 милиони три дози од вкупно 9,4 милиони Израелци.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет и министерот за здравство Никан Хоровиц им понудија на здравствените установи бонус од 31 долар за секое лице над 60 години што ќе добие четврта доза.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука