X
 12.03.2020 Здравје

Американка што закрепнала од коронавирусот порачува: Не паничете!

Американка што закрепнала од Ковид-19 има едноставна порака за сите загрижени луѓе: „Не паничете, но мислете на лицата со висок ризик и останете дома ако се чувствувате лошо“.

Елизабет Шнајдер живее во Сиетл, најголемиот град во државата Вашингтон, со најголем број смртни случаи во САД од Ковид-19.

37-годишната Елизабет, која е доктор на науки по биоинженеринг, вели дека сака да ја сподели нејзината приказна за да им даде надеж на луѓето. Таа имала релативно благо искуство со инфекцијата и се лекувала дома. Но, како што додава, ова не е нешто за кое треба да се биде ноншалантен, затоа што има постари луѓе со други здравствени состојби.

- Тоа значи дека треба да бидеме дополнително внимателни во врска со останувањето дома и да се изолираме од другите - вели таа.

Шнајдер имала симптоми слични на грип на 25 февруари, по 3 дена откако отишла на забава која подоцна била идентификувана како место каде што се заразиле најмалку пет други луѓе.

- Се разбудив и се чувствував уморна, но ми беше нормално - изјави таа.

Но, до попладне почнала да чувствува главоболка, заедно со температура и болки во телото. Одлучила да ја напушти канцеларијата и да си оди дома. Откако се разбудила од попладневната дремка, таа имала температура од 39,4 степени.

- Во тој момент почнав да се тресам неконтролирано, ми студеше и имав морници по целото тело, и тоа ме загрижи - раскажува таа.

Одлучила на своја рака да земе лекови против грип, и ѝ се јавила на пријателка да биде во близина во случај да треба да оди во ургентна. Но, температурата почнала да опаѓа во наредните денови.

Шнајдер почнала да ги следи вестите за новиот коронавирус. Првиот случај во САД бил откриен во Вашингтон кон крајот на јануари. Оттогаш државата стана епицентар на болеста, со повеќе од 260 случаи и 20 смртни случаи. На национално ниво имало повеќе од 1.100 случаи и 30 смртни случаи.



- Бидејќи ги немав симптомите на новиот коронавирус, како кашлица и недостиг на здив, помислив дека го немам - вели Шнајдер.

На лекар ѝ го потврдиле истото што го правела - да оди дома, да се одмори и да пие многу течности. Неколку дена подоцна, таа открила дека неколку лица што биле присутни на забавата развиле слични симптоми, па почнала да се сомнева. Неколку од тие луѓе отишле на доктор, каде што било откриено дека се негативни на тестот за грип, но не им бил понуден тест за коронавирус бидејќи ги немале симптомите.

Знаејќи дека ќе биде одбиена за тестот, таа одлучила да се запише во истражувачка програма наречена „Истражување за грип“ надевајќи се дека може да ѝ обезбеди одговор. Тимот ѝ испратил материјал за брис.

- На 7 март добив телефонски повик од еден од координаторите и ми рече дека сум позитивна на тестот за Ковид-19. Бев изненадена бидејќи мислев дека на некој начин е кул. Сигурно немаше така да се чувствувам ако бев сериозно болна. Но, од научна гледна точка, сметав дека е многу интересно - вели таа.

До тој период нејзините симптоми веќе стивнале, а од локалните здравствени власти ѝ било кажано да остане дома најмалку седум дена од почетокот на симптомите. Таа се надева дека нејзиниот пример, кој веројатно е типичен за голем број случаи, може да ги утеши другите.

- Не паничете. Ако мислите дека го имате вирусот, веројатно го имате и треба да одите да се тестирате. Ако вашите симптоми не се опасни за живот, останете дома, пијте многу вода, одморете се и гледајте серии - вели таа.

Извор: France24.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје