X
 21.07.2020 Култура

Скулпторот Перо Кованцалиев е добитник на наградата „Боро Митриќески“

Скулпторот Перо Кованцалиев е добитник на наградата „Боро Митриќески“, што ја доделува семејството на истакнатиот скулптор. Друштвото на ликовни уметници на Македонија во рамките на „Скопско лето“ синоќа ја отвори изложбата „Современа скулптура“ во Уметничкиот центар АРТ ХАБ, во ГТЦ - Скопје.

На изложбата, освен Кованцалиев, учествуваат уметниците: Ана Димчевска Семенпеева, Андреј Митевски, Ангел Димовски Чауш, Вања Петрушевска Дуза, Љупчо Бојаров, Златко Бојковски, Јовица Мијалковиќ, Катерина Таневска, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Филип Фидановски, Филип Цакоски, а беа изложени и дела на Боро Митриќески.


Од наградените дела на Кованцалиев

- Ми претставува огромна чест и задоволство што сум добитник на оваа награда која го носи името на истакнатиот скулптор Боро Митриќески и која ја доделуваат неговото семејство и ДЛУМ. Признанието се доделува во една значајна категорија за мене, а тоа е современата скулптура. Со оваа изложба ДЛУМ останува посветен кон мотивирањето на нас, помладите уметници, и ја поддржува нашата нова компонирана продукција. Моето дело кое е наградено -  „Ирационални бранови“ претставува еден кинетички објект кој иронично го опева технократскиот симбол во консумирачкото општество. Прави едно соочување со секогаш присутниот идол за надминување на човечката немоќ која е наметната во сите сфери на секојдневното дејствување - изјави Кованцалиев.



Оваа година селектор на изложбата „Современа скулптура“ е историчарката на уметноста Марика Бочварова-Плавевска. Според неа, намерата е да се потврди сјајот на овие изложби и да се откријат нови таленти кои ќе имаат активно учество во промените.

Изложбата ќе трае до 30 јули. Поставката поединечно или најмногу во група од двајца ќе може да се посети според работното време на Галеријата, односно од понеделник до петок од 11 до 18 часот и во сабота од 10 до 15 часот. 

Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура