Мажите сакаат да извршуваат повеќе работи низ домот, но вкоренетите општествени очекувања и недостигот на поддршка ги кочат, се наведува во извештајот на организацијата „Стејт оф д ворлдс фадрс“.
Помеѓу 70 и 90 отсто од мажите во 16 од 17 анкетирани земји рекле дека се чувствуваат еднакво одговорни за работата во домот, но нееднаквите плати и несоодветните владини политики придонесуваат жените да извршуваат седумпати повеќе неплатена работа.
Единствен исклучок е Индија, каде што само 25 отсто од мажите се чувствуваат еднакво одговорни како нивната партнерка кога станува збор за домашните обврски.
- Нашите наоди го покажуваат она што го мислевме. Мажите сакаат да се грижат. Постои висок степен на желба да бидат вклучени во различни задачи дома, како што е на пример грижата за децата - вели Тавеши Гупта од невладината организација „Екуимундо“.
Но, во извештајот се вели дека мажите што сакаат да извршуваат повеќе обврски низ домот се задржани од општествени структури кои не се дизајнирани да ги прифатат овие мажи.
- Во просек, платите на мажите се за една петтина повисоки од оние на жените - вели Гери Баркер, извршен директор на „Екуимундо“.
Еден од главните предлози споменати во извештајот е еднакво родителско отсуство за двајцата родители.
- Не сакаме да се намали породилното отсуство за жените, туку сакаме да се продолжи за мажите - вели Баркер.
Истражувањето покажа дека повеќе од 80 отсто од испитаниците веруваат дека момчињата треба да научат како да ги извршуваат домашните работи, како и дека мажите трошат само 19 отсто од слободното време на неплатена работа, наспроти 55 отсто од жените.
Во истражувањето учествувале речиси 12.000 луѓе од 17 земји, вклучувајќи ги Колумбија, Руанда, Јужна Африка, Австралија, Ирска, Кина и САД.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik