X
 21.08.2018 Живот

Местото каде што Србите мислат дека Хрватите се илегално дојдени, и обратно

Шаренградска ада е речен остров на Дунав и една од спорните точки при меѓудржавното разграничување на границите меѓу Хрватска и Србија, кои сѐ уште не се дефинирани, а тоа веќе 26 години е голем проблем за локалните жители.

Овој речен остров е најголем орнитолошки резерват во овој дел на Европа и е најголемо природно мрестилиште на див крап на Дунав, живеалиште на голем број диви животни, богато ловиште, како и дом на ретки гнезда на речиси изумрени орли и место каде што има многу ретки дрвја и билки.

Поради нерешеното прашање со државната граница меѓу Хрватска и Србија, Шаренградска ада со своите 900 хектари од 1991 година претставува ничија земја. За Хрватска, тоа е нејзина територија, а пак Србите сметаат дека им припаѓа ним.

Токму поради положбата на островот - меѓу новиот и стариот тек на Дунав - најмногу се кршат копја чие е тоа парче земја настанато во 1892 година кога австроунгарските власти одлучиле дека дунавската кривина кај Шаренград претставува проблем за пловидба на бродовите и во должина од 12 километри, од Опатовац до Шаренград, ископале канал во кој потоа ги насочиле дунавските води, а тогашниот копнен дел го претвориле во речен остров. За тогашната технологија, тоа била опасна работа. Во текот на градбата, која траела 17 години, загинале повеќемина работници.

Фото: Wikipedia

Според кажувањата на жителите, ловокрадците ги убиваат елените и дивите свињи бидејќи состојбата на Шаренградска ада не ја надгледуваат ниту Хрватска ниту Србија, па на островот може да дојде кој сака и да прави што сака.

- Пред Хрватската војна за независност овде имаше околу 5.000 свињи, до илјада и нешто крави и околу 500 коњи. Цел Шаренград со 1.700 жители се потпираше на адата и живееше од неа, а денес овде не можат да преживеат ни двајца рибари. А пред војната имаше 31. Денес овде може да дојде кој сака, да сече шума и да лови, а никој нема да праша што прави -  вели Перо Ќориќ од месниот одбор на Шаренград.

Тој смета дека Хрватска требало да ја прифати арбитражата во решавањето на граничниот спор со Србија. Белград бараше границата да биде по должината на средината на Дунав. Тоа би значело дека Хрватска би останала не само без Шаренградската ада, туку и без други подрачја кои се наоѓаат покрај Дунав. Станува збор за повеќе од 11.000 хектари, наведува Ќориќ, кој се присетува дека како дете често се капел на Шаренградската ада.

- Во Дунав нема риба. Сета риба е овде, но што ни вреди тоа кога околу адата не смееме да ловиме риба - вели Дарко Чувардиќ, еден од двајцата преостанати риболовци.

Тој се потсетува како во 1991 година поранешна ЈНА ја окупирала адата, а подоцна надзор вршела српската полиција.

- Денес ни велат да не одиме да ловиме риба на адата бидејќи не се знае чие е местото. А има цело рибно царство. Разочаран сум од фактот дека не постои волја да се реши прашањето кое нам, на обичните граѓани, ни значи многу. Но, очигледно не и на Загреб и на Белград - истакнува тој.

Фото: Telegram

Хрватска и Србија основаа заедничка комисија за решавање на спорните гранични точки, но нејзината работа досега се покажа повеќе од јалова. Тие одржаа десетина седници, а моментално преговорите се прекинати на неодредено време.

Како и да е, никој никому не му забранува да оди таму, па луѓето од двете страни на реката понекогаш се сретнуваа, а во текот на летните месеци на Шаренградска ада се капат, прават скара, се одмораат или ловат риба. Но, Србите мислат дека Хрватите се илегално дојдени, и обратно. Така е сега, а така ќе биде сѐ додека не се дефинира прашањето со границата. Шаренградската ада, тој прекрасен природен резерват, им припаѓа и на едните и на другите. Сечија и ничија земја.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот