X
 21.08.2019 Живот

И во Македонија ќе може да се плаќаат услуги со пластични шишиња и лименки

Со помош на Фондот за иновации и технолошки развој, „Пакомак“ стана првата македонска компанија што го воведува светскиот тренд во рециклирањето – повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки.

Целта на поставувањето на повратните вендинг машини (ПВМ) е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад. Со самото учество во процесот ќе бидат соодветно наградени со т.н „зелени поени” кои може да ги користат за плаќање производи и јавни услуги (на пр. комунални такси, билети за јавен превоз, паркинг и сл.)

На почеток, „Пакомак“ ќе постави машини во неколку општини низ земјата, а долгорочниот план опфаќа поставување машини на целата територија на државата. Проектот е наменет за сите граѓани, без разлика на возраста и социјалниот статус, а и системот на награди е приспособен за сите групи во општеството. Првиот прототип се очекува во првата половина на 2020 година.

Иако работи на истиот принцип како стандардните вендинг машини (се стават пари, се добива производ), поради обратниот процес (се става производ, се враќаат пари) таа се нарекува „повратна вендинг машина“. Она што започна како експеримент во 70-тите години на минатиот век во Норвешка, денеска е многу успешен глобален проект кој на еден едноставен начин ја одржува нашата планета почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот