X
 21.08.2020 Живот

Марксова утопија во Германија: Се воведува 30-часовна работна недела?

Претседателот на германскиот синдикат за индустрија и металургија, Јорг Хофман, и пратеничката Катја Кипинг предлагаат да се воведе четиридневна работна недела.

Хофман и Кипинг предлагаат во процесот на усвојување дигитална стратегија на Германија да се воведе четиридневна работна недела, односно 30-часовна работна недела како полно работно време и целосна плата.

Тие велат дека сегашниот модел, стар со децении и заснован на тоа дека мажот работи полно работно време, а жената се грижи за децата и домот, е застарен и дека повеќе нема никаква врска со реалниот живот.

- Во современото општество потребно ни е повеќе време за грижа за нашите родители и други постари луѓе, за грижа за децата, повеќе време за култура и рекреација - објаснуваат Кипинг и Хофман.

Деновиве Германците почнуваат и со експеримент на универзален основен приход - повеќе од 100 луѓе ќе добиваат 1.200 евра месечно без никакви услови, во наредните три години. Целта е да се види дали и понатаму ќе останат мотивирани да работат иако основните трошоци за живот ќе им бидат покриени.

rabota
Фото: Freepik

Дали утопијата на Карл Маркс ќе стане реалност?

Во некои земји веќе постои скратена работна недела, а и во Германија уште во 90-тите години работното време беше намалено.

Машинобраварите, доброволно, имале 28 работни часа неделно со пониски приходи, а и во другите европски земји има експерименти со намалување на работното време.

Овој аргумент сигурно ќе стане пресуден во наредните години, особено со доаѓањето на младите генерации кои сè повеќе ќе работат на далечина и кои ќе сакаат на различен начин да го балансираат професионалниот со приватниот живот.

Всушност, работните часови се намалени за што повеќе луѓе да можат да работат.

Уште од 1995 година бројот на работни часови почнал да се намалува. Во Германија, во 1995 година имало 1.528 работни часа годишно, а во 2015 година бројот на работни часови годишно се намалил на 1.371 час. Во Шпанија, од 1.775 работни часа бил намален на 1.691 час, а во Франција од 1.605 на 1.482. И во Италија бројот на годишни работни часови се намалил, и тоа од 1.856 на 1.725. Но, во Италија се работи 354 часа повеќе отколку во Германија и 243 часа повеќе отколку во Франција, каде што беше воведена 35-часовна работна недела во доцните 90-ти години.

Кога дојде на власт во 2017 година, Емануел Макрон сакаше да ја укине 35-часовната работна недела, но овој формат толку навлегол во животот на Французите, што речиси било невозможно да се смени. Точно, постојат приватни компании што не се придржуваат кон овој распоред и покрај тоа што француската држава годишно издвојува околу 12 милијарди евра за оние компании што вовеле 35-часовна работна недела.

Иако италијанскиот закон дозволува 48-часовна недела, речиси никаде не е подолга од 40 часа и е претежно 36 часа. Слично е и во Шпанија, Велика Британија и други земји. Законот за работни односи би требало да се менува и на ниво на Европската Унија.

rabotenje

На пример, во Холандија веќе постои четиридневна работна недела со околу 29 работни часа неделно, додека Норвежаните работат 33 часа неделно и имаат 21 ден платен одмор. Во Данска се работи 33 часа неделно, а во Белгија 35 часа неделно.

Во шведскиот град Гетебург, во дом за неподвижни лица беше воведен работен ден од шест часа. Вработените работеле подобро бидејќи биле одморени, но домот морал да вработи уште 17 луѓе, што ги зголемило трошоците за 1,3 милион евра. На крајот, експериментот бил откажан.

Доменико де Маси, професор по социологија на Универзитетот „Ла Сапиенза“ во Рим, пресметал дека 1.800 работни часа годишно во Италија, во споредба со 1.482 работни часа во Франција, значи четири милиони вработени. Односно, ако бројот на годишни работни часови во Италија е ист како во Франција, тоа би значело дека би можеле да се вработат уште четири милиони луѓе. Доколку би работеле исто часови колку во Германија (1.371), Италија би добила 6,6 милиони нововработени лица.

Растат социјалните разлики


Во Германија вo 2003 година била воведена мини-работа, односно работа со скратено работно време за која не се добива повеќе од 450 евра месечно, но компаниите што ја воведуваат добиваат даночно олеснување. Сега во Германија има околу 7 милиони луѓе од 43 милиони вработени што работат на овој начин.

Хофман во разговор со медиумите вели дека работното време не е променето поради коронавирусот, туку структурните промени во автомобилската индустрија довеле до тоа. Во наредните години за луѓето ќе има помалку и помалку работа во производството на автомобили, особено автомобили на електричен погон, па Хофман сака да се работи пократко, но да работат што е можно повеќе луѓе.

Кипинг, пак, сака да воведе задолжителна 30-часовна работна недела за сите вработени. Дигитализацијата ја намалува потребата за човечки труд, но ја зголемува ефективноста на оние што работат пократко, па општеството станува побогато. Смета дека доколку не дојде до промени во таа насока, може да се создадат уште поголеми социјални разлики помеѓу оние што работат и имаат високи плати и невработените.

Но, промената на работните часови неизбежно ќе донесе и други промени, па дури и воведување основна плата и платена неработа.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот