X
 21.08.2022 Живот

Таткото на модерната макроекономија сметал дека во 2030 година ќе работиме само 15 часа неделно: Дали е тоа реално?

Британскиот економист Џон Мејнард Кејнз (1883-1946) е најпознат како основач на кејнзијанската економија и татко на модерната макроекономија. Тој ги проучувал и економиите и пазарите, како и начинот на функционирање на другите системи.

Една од основите на кејнзијанската економија е дека владите треба активно да влијаат врз текот на економијата, особено преку зголемување на потрошувачката, за да се стимулира побарувачката во услови на рецесија.

Иако тоа е посебна тема за која би можеле да разговараме сега, во време на голема светска криза, овој пат приматот му го даваме на предвидувањата на Кејнз за работното време и работната недела.

Британецот работел во време кога биле воспоставени правата за 40-часовна недела, платени одмори и други бенефиции за работничката класа, иако тој верувал дека егалитарниот пристап до слободното време значително ќе се зголеми во 20 век.

Неговата најпозната теорија датира од 1930 година кога напишал дека во 2030 година технологијата може да доведе до 15-часовна работна недела, период кога неговите внуци ќе бидат работоспособи. Тоа го напишал во есејот „Економската можност за нашите внуци“.

Пишувајќи го овој есеј на почетокот на Големата депресија, во текот на 30-тите години, Кејнз бил полн со оптимизам.

- Ние страдаме не од ревматска старост, туку од болки во растот поради брзите промени, од болното приспособување помеѓу еден и друг економски период - напишал тој, а неговиот есеј првенствено се занимава со она што тој го нарекува „економски проблем“.

Тоа не е само проблем на масовна невработеност, туку способноста на капитализмот на сите да им обезбеди пристоен животен стандард.

- Би предвидел дека за сто години животниот стандард во прогресивните земји ќе биде од 4 до 8 пати повисок отколку што е денес - напишал тој верувајќи дека технологијата ќе ги ослободи сите од тиранијата на пазарот на трудот и злото на бескорисните работни места.

Тој верувал дека ова ќе им даде на луѓето слободно време.

Сепак, иако Кејнз предвидел дека неговите потомци ќе работат само 15 часа неделно, сега гледаме дека тоа не е случај за мнозинството од светската популација и веројатно нема да биде така до 2030 година. Освен тоа, луѓето денес работат повеќе часови од кога било претходно.

Интересно е што новинарот Дејвид Кастенбаум интервјуирал некои од потомците на Кејнз и дознал дека работат многу повеќе од предвидените 15 часа неделно. Внукот од сестрата на Кејнз работи како професор, но не 15 часа неделно, туку дневно.
Внуката од неговата сестра е психотерапевт и вели дека работи 50 часа неделно и тешко наоѓа слободно време за што било.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот