X
 21.08.2023 Живот

Патлиџан-туризмот го измислиле Југословените, но првично имал друго значење

Таканаречените патлиџан-туристи одамна им се трн в око на угостителите на Јадранот. Овој термин се користи за погрдно да се означат туристите што патуваат на море со кеси полни со месо, месни производи, овошје, зеленчук, дури и грицки за минимално да трошат во продавниците и рестораните на дестинацијата каде што летуваат.

Во оваа група спаѓаат и туристи кои цела вечер нарачуваат литар минерална вода за неколку лица во ресторан. Меѓу нив има и такви што на плажа носат целодневни оброци и ужини.

Порано за патлиџан-туристи се сметаа оние од Источна Европа или сиромашните туристи од Западот, а денес овој епитет се поврзува со туристите од Босна и Херцеговина, Македонија и Србија.

Како настанал терминот патлиџан-туристи?


Дефиницијата за патлиџан-туристи каква што ја знаеме денес не е најточна. Терминот настанал во 80-тите години на минатиот век, а се применувал за српските туристи што летувале во Грција.

Како што вели српскиот новинар Драган Гулиќ, во 80-тите години Грција станала популарна шопинг и туристичка дестинација, особено за Србите.

- Првите патлиџан-туристи од поранешна Југославија што оделе во Грција не биле сиромашни, туку летувале во Грција малку поразлично отколку дома. Во Грција ги посетувале големите песочни плажи кои ги немале дома, а биле рај за децата кои не сакале да ја напуштат плажата ни за време ручек. Освен тоа, биле забележани и локални туристи кои јаделе на плажите или имале пикник, што кај нас не беше норма - објаснува Гулиќ.

Така, српските мајки почнале да приготвуваат ручеци дома или ги носеле во грчките пекарници каде што ги готвеле или печеле, се разбира со плаќање, а потоа му го носеле ручекот на семејството кое било на плажа.

- Тоа биле туристи што уживале - објаснува Гулиќ.

Практиката да се јаде (понекогаш и да се приготвува) ручек на плажа била „надградена“ со текот на времето.

- Во Грција тогаш патлиџаните имаа поинаков вкус од оние што ги јадевме во Југославија, а беа и евтини. Затоа Србинките почнаа да купуваат грчки домати, пиперки и патлиџани, па таму правеле ајвар.

Затоа, главно српските туристи се нарекуваат патлиџан-туристи.

- За разлика од денес, овие луѓе биле целосно среќни и не штеделе. Но, со ваквиот начин на одмор сепак нешто заштедиле, а парите ги оставале во Грција. Не за угостителски услуги, туку за шопинг - особено фармерки и други работи што во тоа време не можеле да се набават во Југославија или биле поскапи - вели Гулиќ.

Значи, првобитно под поимот не се подразбирал некој што доаѓал на одмор со натоварен вагон домашна храна, туку југословенски турист кој се вратил од Грција со еден вагон храна (во случајов ајвар) и еден куп облека.

Извор: 6yka.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот