На 10 октомври „Нетфликс“ ќе почне да ја прикажува анимираната серија за возрасни „Томб Рајдер: Легендата за Лара Крофт“.
Најпопуларната женска протагонистка во видеоигрите во светот, Лара Крофт, се враќа на екраните. Додека се работи на нова игра „Томб Рајдер“, а се шпекулира и за нов игран филм, „Нетфликс“ се ближи кон крајот на развојот на анимираната серија за возрасни „Томб Рајдер: Легендата за Лара Крофт“.
По повод објавувањето на новата серија, „Нетфликс“ го лансира првиот официјален трејлер кој можете да го погледнете на следното видео.
Во новата серија гласот на Лара Крофт го позајмува актерката Хејли Атвел, позната од филмот „Невозможна мисија 7“ и „Капетан Америка: Првиот одмаздник“, која следната година ќе ја видиме во осмиот дел од „Невозможна мисија“ и нејзиниот глас ќе се слушне и во анимираниот филм „Рог Трупер“.
Заплетот на серијата ги продолжува настаните од видеоигрите од трилогијата „Преживувач (Томб Рајдер, Рајз оф д Томб Рајдер и Шедоу оф д Томб Рајдер)“ и ќе нѐ одведе во нови авантури на „женската Индијана Џонс“, што значи дека ќе следите ново поглавје во животот на еден археолог кој патува низ светот истражувајќи антички мистерии.
Лара ќе се впушти во нова авантура откако ќе украде моќен кинески артефакт од Крофт Манор, па во потрага по него повторно ќе патува низ светот и ќе истражува мистични гробници.
Извор: vidi.hr
Фото: YouTube screenshot