X
 05.11.2022 Живот

Јапонските „цунами-камења“ со векови ги предупредуваат жителите на опасностите од земјотресите

Поради нејзината локација во Тихиот Океан, Јапонија е земја подложна на разорни земјотреси и цунами, па знаењето и експертизата на локалното население во врска со овие настани датираат со векови.

Еден од најдобрите примери за ова се таканаречените „цунами-камења“ - плочи со натписи кои ги предупредуваат жителите да ги градат своите домови на одредено ниво во случај да удри голем бран.

Еден од најзастрашувачките камења се наоѓа во селото Анејоши. На плочата висока 3 метри пишува: „Високите живеалишта се мирот и хармонијата на нашите потомци. Сетете се на катастрофата на големото цунами. Не градете домови под оваа точка“.

Со оглед на тоа што голем дел од домовите на Јапонците ги издржаа трагичниот земјотрес и цунамито во 2011 година, се гледа дека некои жители сериозно си ги сфатиле советите од нивните предци.

Другите камења нудат поширок, но суштински совет: „Ако има земјотрес, внимавајте на цунами“, пишува на една плоча која ги потсетува луѓето да одат на повисоко место веднаш по земјотресот.

камења
Фото: Wikimedia Commons

Локалните жители опишуваат дека плочите обично излегуваат по смртоносното цунами, како што било она во 1896 година, кое за жал однело 22.000 животи. Постојат и плочи кои укажуваат на одредено ниво на земјата кое би било безбедно за жителите од фатален бран.

Плочите го прекриваат јапонското крајбрежје и некои се стари над 600 години. Додека некои групи се свесни за заканата, други изградиле заедници поблиску до океанот.

- Цунами-камењата се предупредувања пренесени низ генерации и тие им кажуваат на потомците да го избегнат страдањето на нивните предци. Некои ги послушале овие лекции од минатото, но многу не ги послушале - вели Итоко Китахара, специјалист за историја на природни катастрофи.

Ова е добар потсетник дека треба да го цениме знаењето на луѓето што живееле на местото каде што живееме ние.

- Овие плочи се начин да се предупредат потомците во следните 100 години дека дефинитивно ќе дојде уште едно цунами - вели локалниот рибар Кимура.

Снаодливоста и безвремените зборови на претпазливост во камењата го фасцинираа светот затоа што ги поврзуваат минатите и сегашните генерации во мисијата крајбрежните популации да бидат безбедни.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот