X
 21.09.2022 Живот

Повикот за мобилизација на Путин ги мобилизира сите. Русите купуваат карти за Турција, Летонија не ги прима

Билетите за летови во еден правец од Русија до Турција се распродадени за денеска и во текот на викендот, неколку часа пред да започне делумната мобилизација на руските вооружени сили, покажуваат податоците на два турски авиопревозници.

Како што пренесе ДПА, летовите од московскиот меѓународен аеродром „Внуково“ до турските Истанбул, Анкара и Анталија беа распродадени во следните три до четири дена на веб-страницата на националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“. Превозникот ќе го зголеми капацитетот на патници надвор од Русија за четврток и петок, изјави портпаролот. Се разгледува и воведување дополнителни летови доколку побарувачката продолжи со ова темпо, додал претставникот на „Туркиш ерлајнс“. Исто така, до сабота се распродадени и билетите на приватната авиокомпанија „Пегасус“ од Москва до Истанбул.

Турција е една од ретките дестинации до која Русите можат да летаат во странство поради западните санкции, заедно со Ерменија и ОАЕ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да одговори на прашањата за евентуално затворање на границите на Русија за да се спречи бегството на воено способни мажи, откако беше најавена делумна мобилизација за потреби за војната во Украина. Песков изјави дека руската Влада „многу наскоро“ ќе објави кои категории граѓани ќе бидат ослободени од мобилизација на резервисти со воено искуство за да служат во Украина.

Истовремено, Летонија најави дека нема да ги прифати оние што бегаат од Русија поради мобилизација.

- Поради безбедносни причини, Летонија нема да обезбеди хуманитарни или други визи за руските граѓани кои избегнуваат мобилизација, ниту ќе ги промени условите за преминување на границата - изјави летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевич.



Претседателот на Русија денеска објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во воениот конфликт во Украина. Во обраќањето што го пренесе руската телевизија „Прва“, Путин рече дека веќе го потпишал указот за делумна мобилизација, која ќе започне денеска.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека делумната мобилизација што ја најави Путин се однесува на лица со воено искуство и најави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти. Шојгу, обраќајќи ѝ се на јавноста по Путин, рече дека оние што ќе бидат повикани ќе поминат воена обука пред да бидат распоредени.

Според него, „речиси целата сателитска мрежа на НАТО работи против Русија во Украина“ и „Украина сѐ повеќе користи западно оружје за да напаѓа цивили“.

Шојгу рече дека Западот ѝ доставува оружје на Украина во огромни количини. Тој тврди дека Русија изгубила 5.937 луѓе во „специјалната воена операција во Украина“, а Украина половина од армијата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот