Животниот век во САД првпат во последниве децении опаѓа, а официјалните лица за јавно здравје идентификуваа голем број потенцијални причини, вклучувајќи и недостапна здравствена заштита, зголемена зависност од дроги и стапки на нарушување на менталното здравје, како и социо-економски фактори. Но, разграничувањето на овие променливи и процената на нивното релативно влијание е тешко.
Новото истражување се обиде да го открие релативното влијание врз две варијабли најчесто поврзани со животниот век, расата и образованието, прочешлувајќи податоци за 5.114 црнци и белци во четири американски града.
Истражувачите регрутирале учесници за истражување за долговечност пред околу 30 години, кога биле во раните 20-ти. Сега тие се во средните 50-ти години. Поединците биле дел од истражувањето за развој на ризик од болест на срцето кај младите возрасни.
Од 5.114 луѓе што биле следени во истражувањето 395 починале.
- Овие смртни случаи се случуваат кај работоспособни луѓе кои често имаат деца, пред нивната 60. година - вели авторот Брита Рој, доцент на медицина и епидемиологија на Универзитетот „Јеил“.
Фото: Unsplash
Стапката на смртност кај поединците во оваа група јасно покажува расни разлики, при што околу 9 отсто од црнците умираат на рана возраст во споредба со 6 отсто од белците. Исто така, имало разлики во причините за смрт според расата. На пример, мажите-црнци имале поголема веројатност да бидат убиени, а белците да умрат од СИДА. Најчестите причини за смрт кај сите групи со текот на времето биле кардиоваскуларните заболувања и карциномот.
Но, имало и забележителни разлики во стапката на смртност по ниво на образование. Околу 13 отсто од учесниците со средно училиште или пониско образование починале во споредба со само околу 5 отсто од дипломираните студенти.
Зачудувачки, истражувачите забележале дека кога гледале раса и образование истовремено, разликите поврзани со расите исчезнале: 13,5 отсто од црнците и 13,2 отсто од белците со средно образование или пониско образование починале за време на истражувањето. Спротивно на тоа, починале само 5,9 отсто од црнците и 4,3 отсто од белците со факултетско образование.
За да помогнат да се откријат разликите во смртноста поврзана со возраста, истражувачите користеле мерка наречена „Години на потенцијален изгубен живот“ (YPLL), пресметана како проектиран животен век минус реалната возраст на смртта. Оваа мерка не само што дала број на смртни случаи, туку и колку од нив биле ненавремени.
На пример, некој што на 25-годишна возраст ќе се самоубие повеќе придонесува за „YPLL“ отколку некој што умира на 50-годишна возраст од кардиоваскуларни заболувања. Потребни се два смртни случаи на возраст од 50 години за да се изедначи „YPLL“ од единечна смрт на 25 години.
Дури и земањето предвид на ефектите од други варијабли, како приход, нивото на образование и понатаму бил најдобриот предвидувач на „YPLL“. Секој постигнат едукативен чекор доведувал до 1,37 помалку години изгубен животен век.
- Овие откритија се моќни. Тие покажуваат дека подобрувањето на еднаквоста во пристапот и квалитетот на образованието е нешто опипливо и може да помогне да се намали овој вознемирувачки тренд на пократок животен век кај средовечните луѓе - вели Рој.