Според одобрените квоти, на Медицинскиот факултет (660) годинава ќе можат да примат 30 студенти повеќе од лани. Исто толку и на ФЕИТ (690), а 20 повеќе и на Правниот факултет, односно вкупно 1.055
996 студенти помалку ќе можат да се запишат годинава на најголемиот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Причината за ова е реална, зашто низ годините се намалува бројот на матурантите, а и раководствата на факултетите станаа пореални во своите барања. Тие побараа слободни места за онолку студенти колку што очекуваат да имаат интерес, велат продекани за настава.
На ланскиот конкурс за упис на студенти на државните високообразовни установи имало 11.661 слободно место, а годинава – 10.665.
- Бројот на студенти што можат да се запишат на државните универзитети го одредува Владата. Одлуката на Владата на РСМ за бројот на студентите за запишување во прва година на државните високообразовни установи во учебната 2019/2020 година беше донесена на 4 јули. Сметам дека бројот на универзитетите во РСМ, од една страна, е преголем, а, од друга страна, бројот на матурантите секоја година е сѐ помал, УКИМ реално запишува околу 8.000 студенти во прва година - ни изјави Весна Марковска, раководителка на одделението за настава при УКИМ.
Најдрастична промена во квотите се забележува кај Економскиот факултет, каде што годинава се слободни 700 места.
- Ова е реална бројка на студенти што во последните години ја имаме, најчесто се 600 и нешто. Одамна веќе немаме над 1.000 студенти и непотребно лани имавме квота од 1.120. Ние побаравме 700 и толку ни се одобрени - вели за Факултети.мк, Предраг Трпески, продекан за настава на Економскиот факултет.
Марковска додава дека ланските 1.120 празни места не биле на барање на Факултетот, туку на барање на Владата.
Во однос на техничките факултети, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) има 30 студенти повеќе од лани (вкупно 690), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) има за 20 помалку (вкупно 1.080). Машинскиот факултет има 100 места помалку (вкупно 540), 30 студенти помалку ќе може да прими Технолошко-металуршкиот факултет (вкупно 275).
Само десет помалку од лани ќе прими Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (1.075). Во новиот конкурс на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици воопшто нема квота за словенечки јазик. На Правниот факултет „Јустинијан Први“ имаат одобрени 20 студенти повеќе, односно 1.055.
25 студенти помалку во конкурсот има за Педагошкиот факултет. Таму, во одделенска настава по албански јазик годинава се одобрени 10 места повеќе од лани, односно побаруваат 70 студенти за одделенска настава на албански, а 60 на македонски. Драстично намалување во квота има кај програмата библиотекарство, каде што до лани можеле (но не се запишале) 60 студенти, а годинава квотата е 25.
Продеканот за настава на овој факултет, Весна Макашевска, ни објасни дека постои континуиран интерес за одделенска настава на албански јазик.
- Ја зголемивме квотата за 10 затоа што се бележи зголемување на интересот во последните години. Во однос на студентите на македонски јазик, тие имаат повеќе избор за ваква катедра и на други факултети (Педагогија, на УГД во Штип или УКЛО во Битола) и затоа нема драстично растење на бројот на студенти кај нас. Додека, пак, сме забележале дека албанските студенти со години многу повеќе нè избираат нас отколку Универзитетот во Тетово, каде што можат да студираат за одделенски наставник. Во однос на библиотекарство, ја намаливме квотата затоа што е слаб интересот со години. Како начин да привлечеме внимание кај потенцијалните студенти, го зголемивме бројот на студенти во државна квота, односно 15-мина ќе можат да студираат со 200 евра наместо со 400 - ни објасни Макашевска.
И Филозофскиот факултет од Скопје побарал помал број студенти. Ќе може да прими вкупно 825, а лани квотата била 1.095. Катедрата за психологија до лани имаше 120, а годинава 80, а Педагогија од 70 на 40.
Деканот на Филозофски, Ратко Дуев, ни објасни дека намалените бројки се по барање на професорите, односно се реални, според интересот за овие студии во последните неколку години. Доста е намален бројот на можни студенти на Безбедност, одбрана и мир (лани 120, годинава на 45), меѓутоа, Дуев објасни дека е направен пропуст и дека ќе се побараат повеќе места за оваа област.
На Факултетот за драмски уметности годинава ќе бидат примени само актери, со оглед на тоа дека на овој факултет одредени профили можат да конкурираат на неколку години (режија, драматургија, сценарио...). Во конкурсот стои дека ќе има слободни места за 10 студенти што ќе студираат на македонски јазик, 8 ќе можат да се запишат на актерска игра на турски јазик, а 12 на албански јазик. Деканот Лазар Секуловски ни објасни дека од одделот за актерска игра на албански јазик процениле дека може да има поголем интерес годинава, што не значи дека ќе се пополнат сите понудени места.
На Факултетот за музичка уметност ќе можат да се запишат 121 студент, што е за 18 студенти помалку од лани.
На Медицинскиот факултет годинава има 30 слободни места повеќе од лани, односно ќе можат да се запишат 660 студенти, од кои 20 студенти плус ќе можат да станат диплoмирани доктори по општа медицина, а 10 повеќе – медицински сестри/техничари кои учат шест семестри.
За разлика од таму, на Фармацевтскиот факултет има планирани 50 места помалку од лани, односно вкупно 220. Факултетот за земјоделски науки и храна годинава ќе може да прими 490 студенти, односно 25 помалку од лани. Шумарскиот факултет има квота од 120 студенти, односно за 30 помалку.
Факултети каде што не се променети квотите од лани – Архитектонски (120), Факултетот за физичко образование, наука и здравје (300), Стоматолошкиот факултет (130), Факултетот за дизајн на мебел и технологии на мебел (135), Факултетот за ветеринарна медицина (50) и Факултетот за ликовна уметност (44).