Денеска во Париз се одржа меѓународно чествување на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, а во знакот на Светскиот ден на поезијата што земјава го одбележа во УНЕСКО. По тој повод официјално беа објавени добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на „Мостови на Струга”.
-Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето - истакна претседателот Стево Пендаровски во своето видео-обраќање на настанот.
Тој, рече Пендаровски, суптилно ни ја објаснува граматиката на животот, создавајќи арматура врз која се потпира не само континуитетот на нашата национална култура, туку е со свое значење и за светското поетско и мислечко наследство.
Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во Календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот.
-Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски, туку и на други јазици - забележа таа, пред да додаде дека поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава.
Во текот на омажот, песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).
-Прифаќајќи ја нашата покана да учествуваат на овој настан, секој од нив прифати да го стави своето камче во повеќејазичниот мозаик на поезијата на Блаже Конески што му го подаруваме на светот по повод Светскиот ден на поезијата - изјави амбасадорката на Македонија во Париз и претставник во УНЕСКО, Јадранка Чаушевска-Димов.
Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески - виртуоз на поетскиот јазик“ на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола.
Во текот на културниот настан, Амбасадорката Чаушевска Димов официјално ги објави имињата на добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата и на наградата „Мостови на Струга“.
Оваа година, Златниот венец и припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 година,една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули Дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и Поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019).
Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга“, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година. Наградената книга Париз,Тексас, насловена според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.
Настанот со кој земјава го одбележа во УНЕСКО Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на Конески го збогати настапот на Дуото СолиПсе, односно македонската флеитистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на две дела од народниот македонски музички опус - Зајди зајди и Гајдарско оро - во аранжман на Мирослав Тадиќ.