X
 22.01.2024 Живот

Преку апликации за запознавање Јапонија ќе го решава проблемот со намалувањето на населението

Јапонската влада инвестира во апликацијата за запознавање наречена „Тепл“, дизајнирана да ги поврзе оние со заеднички хобија и интереси. Целта е да се охрабрат луѓето да се запознаат и да формираат врски што во иднина ќе доведат до брак и раѓање деца.

Со оглед на тоа дека ова е земја со голем број постаро население (најстарата популација во светот) и благо опаѓање на населението, владата се обидува да најде креативни начини да ги поттикне луѓето да се поврзат.

„Тепл“ не е првиот обид на јапонската влада да ја поттикне потрагата на луѓето по партнери и сродни души, а главна целна група се помладите луѓе. Тие веќе организираа разни виртуелни состаноци, а сега сакаат да ги охрабрат да се запознаат преку специјални апликации за запознавање. Интересно е што нивните апликации нема да бидат достапни за секого, бидејќи владата сака да спречи измами, како и нивна употреба од луѓе кои се веќе во врска, односно во брак. Затоа, при регистрација на „Тепл“, потребно е да се прикажат различни документи, меѓу кои и потврда за брачна состојба, односно доказ дека корисникот не е во брак.

Во Токио се планира да почнат кампањи на социјалните мрежи за да се подигне свеста за употребата на ваквите апликации за запознавање, но останува да се види колку ќе бидат ефективни. Тие се особено важни во Токио, каде што речиси една третина од мажите и четвртина од жените постари од 50 години не се во брак.

Претходната анкета спроведена во тој град покажа дека околу 15 отсто од испитаниците користат апликации за запознавање и состаноци.

Друга причина зошто владата се обидува да се вклучи во мотивирањето на жителите да формираат врски што еден ден би можеле да резултираат со брак и деца е претходното истражување на Националниот институт за истражување на населението и социјалното осигурување. Според резултатите, дури 42 отсто од Јапонките родени во 2005 година не се заинтересирани за мајчинството во текот на нивниот живот. Доколку многумина од нив продолжат да размислуваат на овој начин, јапонското население би можело да старее уште повеќе, што покрај сите проблеми што произлегуваат од тоа, ќе претставува и закана за нивните програми за социјално осигурување и пензиско осигурување.

Меѓутоа, бидејќи тие сѐ уште се многу млади луѓе, јасно е дека нивното размислување може да се промени со текот на времето и дека семејството и мајчинството еден ден ќе им станат многу важни.

Извор: Techtimes.com
Фото: Screenshot/Tapple
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот