X
 04.10.2017 Наука

Нобелова награда за физика за докажување на гравитационите бранови

fizika
Фото: Reuters

Нобеловата награда за физика за 2017 година им беше доделена на тројца американски научници за откривањето на гравитационите бранови.

Наградените научници Рајнер Вајс, Бари Бериш и Кип Торн од опсерваторијата „LIGO“ го воделе проектот со кој ги откриле гравитационите бранови кои пред еден век ги предвидел Алберт Ајнштајн.

Нобеловиот комитет соопшти дека научниците се наградени за придонесот кон детекторот „LIGO“ и набљудување на гравитационите бранови. Набљудуваните гравитациони бранови се резултат на судир на две црни дупки, а им биле потребни 1,3 милијарда години за да стигнат до Земјата, каде што биле забележани од детекторот „LIGO“ во Америка.

Сигналот бил доста слаб кога стигнал до Земјата, но најави револуција во астрофизиката, со оглед на тоа што гравитационите бранови се сосема нов начин на набљудување на најекстремните случувања во вселената.

„LIGO“ е проект на кој работат повеќе од 1.000 истражувачи од 20 земји. Добитниците на Нобеловата награда, благодарение на нивниот ентузијазам и одлучност, биле непроценливи за успехот на „LIGO“.

Според теоријата на Ајнштајн, четиридимензионалното просторно време вибрира со гравитационите бранови што се создаваат кога масата се забрзува.

Повеќе од 50 години научниците биле убедени дека постојат црните дупки како теориска последица на теоријата на Ајнштајн. Постоењето на гравитационите бранови првпат било прифатено кон крајот на 50-тите години кога новите пресметки покажале дека можат да носат енергија и токму поради тоа да бидат мерливи.
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука