Тејлор Свифт, која ќе ја обиколи Австралија со нејзините концерти наречени „Ерас“, беше предмет на тридневна академска конференција, позната како Свифтпозиум, во Мелбурн, каде што академиците презентираа трудови за нејзиното глобално влијание.
Свифт е најголемата поп-ѕвезда во светот и предмет на академски студии низ Австралија и светот. Американската ѕвезда влезе во историјата на доделувањето на наградите„Греми“ овој месец освојувајќи ја наградата за албум на годината по четврти пат, веднаш откако беше прогласена за личност на годината од магазинот „Тајм“. Магазинот „Форбс“ ја прогласи 34-годишната Американка за најмоќна жена во забавната индустрија и петта во светот за 2023 година.
Конференцијата наречена Свифтопозиум се одржа на Универзитетот во Мелбурн во соработка со уште неколку универзитети, каде што беше истакнато дека оваа уметница влијае врз современиот живот. Освен тоа, беа презентирани трудови кои го истражуваат влијанието на Свифт во музиката, економијата, бизнисот, медиумските студии, здравјето и општественото и културното влијание.
Д-р Џорџија Керол, истражувач од Универзитетот во Сиднеј, истражуваше како Свифт ги охрабрува поединците да купуваат стока, повеќе верзии од нејзиниот албум и билети за концерти, со цел да се гледаат како правилен вид на обожаватели и да го привлечат нејзиното внимание.
Другите трудови покриваа теми како лирска поетика, сајбер-безбедност, вештачка интелигенција, ментално здравје, односи со јавноста, како и „свифтономија“, осврнувајќи се на економското влијание на Свифт врз локалните и глобалните економии и во однос на нејзината турнеја и нејзината поширока улога во забавната индустрија. Исто така, имаше и труд што ја истражуваше Свифт како наставна алатка во високото образование, следејќи ги неодамнешните курсеви за неа и нејзината работа на универзитетите „Харвард“, „Стенфорд“ и други.
Професорот Лук Расел, кој предава етика и критичко размислување, вели дека кантавторката има силно гледиште за простувањето.
- Јас сум филозоф кој пишува на темата простување. Свифт има интересно и спорно гледиште за простувањето, став што го објаснува во интервјуата и го изразува во песните - изјави професорот Расел.
Д-р Емили Хулме е предавач по старогрчка филозофија. Нејзините истражувачки интереси ги вклучуваат епистемологијата и етиката на Платон, како и аргументи за статусот на жената во античкиот свет.
- Работам во грчката филозофија, филозофска традиција каде што размислувањето за уметноста и емоциите се сфаќа како клучен дел од нашиот развој како луѓе. Тејлор Свифт има многу песни кои одговараат на тоа - изјави професорката.
Англиската поезија, Шекспир и Свифт
Професорот Лијам Семлер е научник за Шекспир и предава рана модерна книжевност по англиски јазик.
- Има многу песни во албумите на Свифт кои добро функционираат на часовите и се поврзуваат со тематски и поетски елементи релевантни за сонетите на Шекспир - вели тој.
Извор:
Sydney.edu.au
Фото: Screenshot/YouTube