X
 22.03.2017 Култура

Приказната позади создавањето на црвените киосци - симбол на Југославија

Се сеќавате на познатите црвени киосци кои за време на владеењето на Тито биле поставени на секој агол? Постои приказна позади нивното појавување и како тие се развиле.

Кога словенечкиот дизајнер Саша Ј. Махтиг пред 50 години го претставил својот модел киоск К67, веројатно не можел ни да претпостави колку ќе биде користен овој модел. Познатиот црвен киоск можел да се види како поединечен елемент или како модуларно вклопена структура ширум поранешна Југославија.

Неговата цел била разновидна - од мали продавничиња, преку продавници за весници и слаткарници до жичарници на планините и куќички за граничната полиција.


Фото: Facebook

Во теорија, системот К67 овозможувал неограничен број на варијации за вклопување на модулот. На сликата подолу можете да видите во какви композиции можел да се состави. 

До 1999 година, кога престанало производството на К67, биле произведени 7.600 единици. Додека повеќето останале во Југославија, голем број од овие киосци биле извезени во странство - Ирак, Полска, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, Советскиот Сојуз, но и Америка.

Денес, никој не е целосно сигурен колку вакви киосци останале во употреба. Сепак, во сеќавање на успешната ера на неговото постоење, Музејот за архитектура и дизајн во Љубљана го прикажал во својот полн сјај преку ретроспектива на работата на неговиот изумител Махтиг. 

Во својот есеј, кураторот на музејот Маја Варџан објаснува во што се истакнува К67. „Се издвојува со неговата позиција помеѓу архитектурата и индустрискиот дизајн, стабилноста во рамките на модерниот град и општеството, учеството во ритуалите на секојдневниот живот и на крај, неговата упорност да го пронајде своето место“, вели таа. 

Како бил создаден?

Саша Ј.Махтиг во текот на неговото студирање во љубљанското училиште за архитектура во текот на 60-те, бил дел од интердисциплинарната програма Курс Б, која влијаела на многу генерации на архитекти, но и индустриски и графички дизајнери. Предавачот на курсот Едвард Равникар ставал акцент на анализата, истражувачката работа, експериментирањето и конкретните проекти. Неговиот совет за студентите бил да го земат во предвид најмалиот потрошен материјал и од него да создадат ново просторно решение, па ова станало филозофија на создавање за самиот Саша. 

За време на неговиот прв самостоен проект на дизајн на кафуле во Љубљана, Саша слушнал за идејата за градски урбанизам за создавање на нов киоск. Самоиницијативно, тој на официјалните лица од градот им го претставил дизајнот кој подразбирал примена на нов индустриски материјал и логика на масовно производство. Идејата била прифатена, а останатото е историја.

Оригиналниот дизајн на Саша се состоел од пет главни структурни елементи и придружни елементи како што се две варијанти на надстрешници и елементи на ентериерот како полици, осветлување и ролетни. Вака го дизајнирал прототипот, обоен во црвена боја, кој го завршил во 1969 година.

Во текот на наредните години, откако бил претставен К67 во познатиот „Design Magazine“, кураторот на музејот „МоМА“ се распрашувал за можностите за додавање на К67 во колекцијата на музејот.

Саша, кој важи за дизајнер со немирен дух, но и вешт бизнисмен, ја истакнал идејата дека К67 во својот развој треба да ја следи промената на корисничките навики и напредокот во индустриските процеси, за да остане комерцијално остварлив.

Денес, 76 годишниот Саша и понатаму работи на нови проекти за дизајн на киоск. Од 2003 година ја развива новата генерација на киосци чие тестирање наскоро треба да почне.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура