X
 22.03.2020 Наука

И само со отворање на капачето на пластично шише се испушта микроскопско загадување

Секако дека по отворањето на шишето со освежувачка планинска вода имате намера да го фрлите во контејнерот наменет за пластика, која потоа ќе замине на рециклирање, така? Жал ни е, но новите истражувања покажуваат дека со самото одвртување на капачето се ослободува прашина од мали пластични честички.


Колку точно прашина ќе биде ослободена, зависи од неколку фактори, но истражувачите од Универзитетот во Њукасл, Универзитетот „Флиндерс“ во Австралија и Кинеската академија на науките ставија бројки на големините и количините на парченца и влакненца генерирани секогаш кога ќе отвориме, пресечеме и распарчиме некоја пластика.

Преку примена на многу прецизни инструменти истражувачите ги измериле ефектите што неколку техники на сечење ги имале врз обични пластични предмети.

Тоа вклучувало отворање обвивка на чоколади, сечење селотејп и пластични кеси со ножици и други сечила и одвртување на пластични капачиња од шишиња.
Мерењето на материјалите пред и по секоја постапка на тимот му дало претстава за масата што ја расфрлаат, веројатно како дожд од мали делчиња пластика, кои се премногу ситни за да може да се видат.

Некои од овие екстремно мали честички може да бидат собрани и анализирани со микроскоп или спектрометар, со што се обезбедуваат дополнителни информации за отпадот на кој воопшто не помислуваме кога користиме пластика за еднократна употреба.

Општо кажано, изгледа дека ослободуваме некаде околу 10 до 30 нанограми пластични фрагменти со должина од само неколку нанометри за секои 3 метри пластика што ќе ја распарчиме.
Ако се земе тоа предвид, притоа претпоставувајќи дека пластична сламка тежи помалку од половина грам, би требало да пресечете околу 150.000 километри пластика за да ја генерирате истата маса на микропластичен отпад. Таа должина би се протегала приближно до половина од патот до Месечината.

Тогаш, треба ли да сме загрижени? Можеби изгледа тривијално, но во комбинација со микропластиката вметната во козметиката, расфрлена од облеката и генерирана при индустриското производство, сето ова ќе се насобере.

Микроскопскиот отпад го привлекува вниманието веќе неколку години како „невидливо“ загадување кое се протега низ океаните и атмосферата, наоѓајќи пат до секој ќош на планетата.

За разлика од пластичните делови што ги наоѓаме во дивината, потешко е да се замисли потенцијалната штета што овие многу мали пластични делчиња би можеле да ја предизвикаат.
Додека чекаме научниците да објаснат колку треба да бидеме загрижени, масата на микроскопска пластика продолжува да се зголемува.
До 2060 година може да очекуваме акумулирање на 265 милиони тони пластичен отпад во животната средина. Нешто повеќе од 13 отсто од сето тоа ќе бидат парченца помали од 5 милиметри.

Сето ова е добра причина да не ја распарчуваме пластиката по искористувањето, а најдобро би било да ја избегнуваме колку што е можно повеќе.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pexels
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука