Ако компаниите и владите драстично не го намалат производството на пластика, количината на пластичен отпад кој завршува во океаните и го убива морскиот живот може да биде тројно поголема за 20 години, се предупредува во нова студија.
Според Меѓународната асоцијација за цврст отпад, консумацијата на пластика за една употреба се зголемила за време на пандемијата на коронавирусот. Маските за лице и ракавиците од латекс секојдневно се појавуваат на зафрлените брегови на Азија. Депониите низ светот се претрупани со рекордни количини на садови за пакување храна за носење и амбалажа од онлајн-испорачки.
Новото истражување направено од страна на научници и индустриски експерти нуди решенија кои би можеле да го намалат проектираниот волумен на пластика кој влегува во океаните за повеќе од 80 проценти.
Ако не се преземе нешто, количината на пластика што секоја година завршува во морињата ќе се зголеми од 11 милиони тони на 29 милиони тони, оставајќи кумулативни 600 милиони тони во океаните до 2040 година, што е еднакво на тежината на 3 милиони сини китови, стои во студијата објавена во списанието „Сајенс“.
- Загадувањето со пластика е нешто што ги погодува сите. Не е твој проблем и мој проблем. Не е проблем на една земја. Ова е проблем на сите - истакна Вини Лау, коавторка на студијата, предупредувајќи дека ситуацијата ќе се влоши ако не сториме нешто.
Стратегијата објаснета во извештајот вклучува пренасочување на милијарди долари инвестирани во производство на пластика во алтернативни материјали, капацитети за рециклирање и експанзија на собирањето на отпадот во земјите во развој.
За тоа би биле потребни промени во енергетската индустрија, која брзо гради нови хемиски фабрики во светот за да го зголеми производството на пластика бидејќи традиционалните бизниси со гориво се еродирани од подемот на изворите на почиста енергија.
Количината на пластика што годишно се произведува брзо се зголемува уште од 1950 година, кога глобалното производство изнесуваше 2 милиона тони. Во 2017 тој број беше 348 милиони тони, а се очекува да се дуплира повторно до 2040 година, стои во студијата.
Големите производители на пластика истакнуваат дека се посветени на справување со загадувањето со пластика и покрај зголеменото производство. Проектите што тие ги финансираат се фокусирани на чистење на отпадот. Сепак, во трудот се препорачува владите да имплементираат закони за обесхрабрување на ново производство на пластика и да обезбедат субвенции за алтернативи за повеќекратна употреба.
За количината на пластика која завршува во океаните да се намали за 80 проценти, ќе бидат потребни хартиени или разградливи алтернативи на пластиката за една употреба и амбалажите треба да се редизајнираат и да содржат повеќе рециклирачки материјал.
Некои го критикуваа вклучувањето на палење, хемиско рециклирање и вклучување фабрики за претворање на пластиката во гориво како начини за располагање со отпадот, наведувајќи дека овие методи вклучуваат и испуштање на јаглеродни емисии со кои се предизвикува затоплување истовремено помагајќи да се одржи производството на пластика.
Извор:
Reuters
Насловна фотографија: Pixabay