Ако вашиот омилен чај е спакуван во пластични кесички, тогаш стомакот веројатно ви е полн со микропластика.
Нова студија покажува дека една пластична кесичка потопена во вода чија температура е 95 Целзиусови степени ослободува околу 11,6 милијарди микропластики и 3,1 милијарди нанопластики во една шолја. Сегашните процени се дека годишно консумираме повеќе од 74.000 честички микропластика.
Микропластиката ја има насекаде. Голем дел од нашата храна е замотана во пластика, а неретко таа завршува и во самата храна. Имаме многу мал напредок кон елиминирање на бескорисните пластични микрозрна од геловите за туширање и отстранување на пластичните сламки и кеси, но штетата веќе е направена. Пластиката завршува во морската сол, конзервираните риби, медот и пилешкото месо.
Многу години кесичките за чај беа претежно направени од хартија, но во последно време компаниите користат пластични пакувања. Тоа не е проблем само за околината. Според истражувачите од Универзитетот „Мекгил“ во Канада, температурите повисоки од 40 степени можат неизмерно да ја разложат пластиката. Затоа тие почнале да истражуваат.
Фото: Pixabay
Тимот зел повеќе пластични кеси од четири брендови чај, го испразнил чајот и ги измил кесичките. Тоа го направил за да се осигури дека нештото што ќе најдат во водата нема да е од чајот.
Исто така, истражувачите употребиле неколку кесички за чај кои не биле испразнети или измиени како контрола за да утврдат дека празнењето на чајот не влијаело врз бројот на ослободените честички.
За секој бренд што го тестирале, три испразнети кесички за чај биле ставени во стаклени шишенца и потопени во 10 милилитри вода со температура од 95 Целзиусови степени на пет минути. Потоа кесичките биле вадени, а водата била претурена во друг чист стаклен сад.
Биле направени слики со електронски микроскоп пред и по потопувањето и нивниот хемиски состав бил анализиран со користење на Фуриеровата трансформациона инфрацрвена спектроскопија (ФТИР).
Водата во која биле потопени кесичките била фиксирана за силиконски полуспроводници и била исушена, а потоа била употребена анализа за следење на наночестички за да се избројат честичките. ФТИР исто така била употребена за да се утврди нивниот хемиски
состав.
Тие утврдиле дека кесичките за чај покажале значително разбивање и деградација по потопувањето и дека имало многу микро и наночестички во водата, претежно меѓу 1 и 150 микрометри за микрочестичките и 100 и 1.000 нанометри за наночестичките. Хемискиот состав на овие честички се совпаѓал со оној на кесичките. Броењето на честичките довело до процена за тоа колку честички би голтнал еден човек со секоја шолја - 2,3 милиони со големина на микрон и 14,7 милијарди со големина на субмикрон.