X
 31.03.2020 Образование

Студентите од УКИМ и од УКЛО се сложни во барањето да нема онлајн-оценување

Студентите на УКИМ и на УКЛО се спротивставуваат на проверката на знаењето преку електротехнички средства, односно онлајн-полагање, ова е договорено помеѓу универзитетстките студентски собранија на двата универзитета.

- Ние, студентите, сметаме дека онлајн-проверка на знаењето не нуди никаква гаранција за квалитетот и ќе придонесе кон деградација на нашето знаење, труд и диплома. Доколку пристапиме кон онлајн-проверка на знаењето, наставните кадри нема да имаат никаква контрола врз условите за спроведување на испитот, нема да постои никаков механизам кој ќе обезбеди целосен надзор врз начинот на полагање и ќе се овозможат манипулации со испитите. Ваквиот начин на проверка на знаењето дополнително ќе го срози и така разнишаното образование во државава - велат студентите.

Тие додаваат дека онлајн-проверката на знаењата ќе ги стави во нееднаква положба студентите што не располагаат со соодветни електротехнички уреди и брза интернет-конекција, креирајќи нефер дистинкција помеѓу студентите што се финансиски обезбедени и имаат услови за онлајн- полагање и студентите што немаат.

Студентите од двата универзитета упатуваат апел до високообразовните институции и до МОН дека не треба да дејствуваат панично во овие услови и со избрзани решенија да се обидуваат да најдат „лек“ за образовниот процес.

- Во моментов универзитетите не можат да понудат модел на онлајн-проверка на знаењето кој ќе го гарантира квалитетот и нема да го деградира високото образование. Предлагаме високообразовните институции да не започнуваат со онлајн-проверка на знаењето, а доколку започнале, веднаш да ја запрат, сè додека не биде подготвен механизам за онлајн-проверка на знаењето кој ќе даде соодветни гаранции и ќе биде одобрен од сите засегнати субјекти, пред сè од самите студенти, како најзасегнат субјект во оваа ситуација - велат студентите.

Студентите, исто така, бараат да се стопираат сите рокови и правила за студирање што важат во редовни околности, односно бараат стопирање на роковите од три редовни сесии за положување еден испит.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование