Повеќе од 87 отсто од Средоземното Море, кое се протега од Атлантскиот Океан до Африка, Европа и Азија, е загадено со микропластика и други загадувачи, вклучувајќи токсични метали и индустриски хемикалии, според извештајот на Светскиот фонд за природата од јули 2024 година.
На глобално ниво, загадувањето на водата е поврзано со 1,4 милиони предвремени смртни случаи, што е проблем за 150 милиони луѓе што живеат покрај брегот на Средоземното Море, како и за 270 милиони туристи кои секоја година ги посетуваат овие области.
Средоземното Море допира 46.000 километри крајбрежје во 22 земји, кои имаат различни стандарди и практики за заштита на животната средина. Египет, кој придонесува со 0,25 милиони тони пластика која завршува во Средоземното Море, е најголемиот загадувач според групата, следен од Турција со 0,11 милиони тони и Италија со 0,04 милиони тони пластика во загаденото море, како дел од 1,9 милиони пластични фрагменти на квадратен метар.
Медицинските експерти консултирани за извештајот на Светскиот фонд за природата велат дека луѓето можат да внесуваат микропластика од водната средина со консумирање морски организми и вода (вклучувајќи и пакувана вода).
- Над 840 микропластики може да се внесат годишно од потрошувачката на трите главни комерцијални видови риби (бранцин и два вида скуша), и до 11 илјади од големата потрошувачка на школки - се наведува во извештајот, истакнувајќи дека помало загадување се случува при консумирање ракчиња.
- Ако ја земеме предвид изложеноста од воздухот и храната што не доаѓа од водни средини, можеме да внесуваме повеќе од 100.000 микропластики секој ден - се вели во текстот.
Младите фрлаат пластични шишиња во морето
Во крајбрежниот град Остија, во близина на Рим, Пјерлуиџи Капоци го гледа морето од терасата на неговиот ресторан „Медитеранео“.
- Можеби пред 50 години луѓето не го знаеја она што го знаеме сега за загадувањето и пластиката. Но, гледам млади луѓе кои лесно фрлаат пластични шишиња во морето, фрлаат ѓубре на земја, цигари, отпадоци - истакнал тој.
Сепак, гледа и светла точка. Пред десет години, секое утро песокот пред неговиот ресторан на плажа бил покриен со хемикалии од товарните бродови кои минувале низ водните патишта видливи од брегот.
- Благодарение на подобрата регулатива, тие хемиски загадувања сега исчезнаа - изјавил тој.
Загадувањето со пластика е итен глобален проблем
Студијата од 2023 година, спроведена од Институтот за зачувување на морскиот живот „Архипелаго“ во Грција, испитувала 25 морски животни, вклучително и осум делфини, две медитерански рибни гуски и 15 морски желки, и открила микропластични загадувачи во сите нив.
-Конкретно, меѓу другите видови пластика, откриени се вкупно 10.639 микропластични влакна во гастроинтестиналниот тракт на мртвите морски цицачи и желки - се наведува во нивниот извештај.
Рафаеле Марфела, професор по напредни науки на Универзитетот „Ванвители“ во Неапол, вели дека загадувањето со пластика е итен глобален проблем што ја надминува еколошката штета.
- Тековните сознанија посочуваат дека микропластиката може да навлезе во крвотокот преку голтање или вдишување, предизвикувајќи воспаление и оксидативен стрес. Со текот на времето, хроничната изложеност на вакви супстанции може да ја забрза прогресијата на атеросклероза и да ја зголеми веројатноста за кардиоваскуларни настани - тврдат експертите.
Загадувањето од пластика се смета за вечен загадувач, што значи дека штом ќе почне да се шири агресивно, останува таму. Сите се согласуваат дека ако луѓето не го сторат својот дел за да го спречат загадувањето на водата, сонот за медитерански одмор наскоро би можел да стане ноќна мора.
Извор: n1info.hr
Фото: Freepik