X
 26.04.2020 Живот

Милано има амбициозен план да ја намали употребата на автомобили по изолацијата

Италијанскиот град Милано планира да воведе една од најамбициозните шеми во Европа за пренамена на просторот на улиците за автомобили во простор за велосипеди и пешаци.

Милано и околниот регион Ломбардија се меѓу најзагадените во Европа и се многу тешко погодени од пандемијата на коронавирусот.

Поради изолацијата, метежот во сообраќајот опаднаа од 30 до 75 отсто, а со тоа се намали и загаденоста на воздухот. Градските службеници се надеваат дека ќе избегнат повторно појавување на користењето автомобили откако жителите ќе се вратат на работа и ќе гледаат да го избегнат јавниот превоз.

Градот најави дека 35 километри од улиците ќе бидат трансформирани во текот на летото, со брза, експериментална експанзија на просторот за возење велосипед и пешачење за да се заштитат граѓаните кога ќе се тргнат рестрикциите.


Фото: Guardian

Планот беше објавен деновиве, а вклучува нискобуџетни привремени ленти за возење велосипед, нови и проширени тротоари, ограничување на брзината на 30 километри на час и улици на кои ќе имаат предност пешаците и велосипедистите.

- Со години работевме на намалување на употребата на автомобили. Ако секој вози автомобил, нема простор за луѓето, нема место за движење, нема место за комерцијални активности надвор од продавниците. Секако дека сакаме повторно да ја отвориме економијата, но мислиме дека треба да го направиме тоа на различни основи од претходно. Мислиме дека треба да го реосмислиме Милано во новата ситуација. Мораме да се подготвиме, затоа е важно да се брани дури и дел од економијата, да се поддржат баровите, занаетчиите и рестораните. Кога ќе заврши, градовите кои сѐ уште имаат ваква економија ќе имаат предност, а Милано сака да биде во таа категорија - истакна Марко Гранели, заменик-градоначалник на Милано.

Милано е мал и густо населен град, чија должина е 15 километри, а има 1,4 милион жители, од кои 55 отсто користат јавен превоз за да одат на работа. Просечниот пат до работа е пократок од 4 километри, па оставањето на автомобилот може да биде опција за многу жители.

Работата во Милано би можела да почне до почетокот на мај со додавање нова лента за возење велосипед и проширени тротоари на 8 километри од Корзо Буенос Аирес, една од најважните шопинг-улици во градот. Остатокот од работата ќе биде завршен до крајот на летото, велат службениците.

- Треба да прифатиме дека за неколку месеци, можеби и за една година, ќе има нова нормалност и мораме да создадеме добри услови за живеење на таа нормалност за сите. Мислам дека следниот месец во Милано, во Италија, во Европа, ќе решиме дел од нашата иднина за следната деценија. Претходно планиравме за 2030, сега новата фаза ја нарекуваме 2020. Наместо да мислиме за иднината, треба да мислиме за сегашноста - вели Пјерфранческо Маран, исто така заменик-градоначалник на Милано.

Во меѓувреме, во британскиот град Брајтон неделава почна да се отвора дел од крајбрежјето, но само за пешаци и велосипедисти и тоа од 8 до 20 часот. Во Барнс, Лондон, бизнисмените и граѓаните поставија конуси на дел од патот пред продавниците за да го прошират просторот за пешаците и да им помогнат на купувачите во одржувањето дистанца.

Извор: Guardian
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот