X
 22.08.2018 Наука

Затоплувањето на Арктикот е виновно за екстремните временски услови

Летните временски шеми во Европа, Северна Америка и во делови од Азија најверојатно ќе продолжат, покажа нова климатска студија која објаснува зошто загревањето на Арктикот прави топлотните бранови на другите подрачја да бидат подолги и поопасни.

Растечките температури на Северниот Пол ја забавија циркулацијата на големите воздушни маси и ветришта, покажува најновата студија, што значи дека фронтовите на низок и висок притисок се заглавени и времето е помалку способно да се менува.

Авторите на ова истражување предупредуваат дека тоа би можело да доведе до многу опасни екстреми кои се појавуваат кога невообичаено високите температури се задржуваат подолг период и ги претвораат сончевите денови во топлотни бранови, дождовите во поплави и ја зголемуваат опасноста од шумски пожари.

- Ова лето имавме многу интензивни топлотни бранови. Тоа ќе продолжи, особено на подрачјето на Европската Унија, САД, Русија и Кина. Краткотрајните топлотни бранови може да бидат погодни, но долготрајните ќе имаат големо влијание врз општеството. Ќе влијаат и врз земјоделството, а родот на многу култури веќе е значително намален. Топлотните бранови можат да имаат и многу негативно влијание врз човековото здравје - истакнува еден од авторите на студијата, Дим Кумоу, од Институтот за климатски истражувања во Потсдам.
Забавувањето на циркулацијата на воздухот веќе подолго време ги загрижува климатолозите. Новата студија се фокусира на летниот период каде што веќе постојат докази дека планетарните системи на ветрови - и оние во ниските и оние во високите делови од атмосферата - ја губат својата способност да го менуваат времето.

Една од причините е слабеењето на температурните разлики меѓу Арктикот и екваторот како резултат на стакленичките гасови произведени од страна на човекот. Далечниот север се загрева од два до четири пати побрзо од глобалниот просек, што значи дека се намалува разликата во температурата во однос на средишниот појас на Земјата. Бидејќи температурите се изедначуваат, ветрот не може да собере доволно енергија и брзина да ги потисне системите на притисок меѓу Арктикот и Екваторот.

Резултатот е помалку ветер и влажен воздух од морето кој би го олеснил топлотниот бран кога над површината се акумулира температура и поголема веројатност бурите што се формираат над морето да пробијат во внатрешноста.

Друга студија покажа дека заробените воздушни струи значително придонеле за ширењето на огромните шумски пожари во Канада во 2016 година.

Научниците се загрижени дека забавувањето на воздушните струи ќе произведе и дополнителни изненадувања и ќе зајакне некои други елементи на климатските промени.

- Она што се случува на Арктикот нема да остане на Арктикот. Ако ја нарушиме рамнотежата на енергијата на планетата, ја нарушуваме и разликата во температурата меѓу Арктикот и екваторот. Последиците можеме да ги почувствуваме. Тие се многу нагли и разорни и тоа само ќе се влошува. Се наоѓаме на пат чија крајна дестинација не изгледа добро - вели Крис Рапли, професор по климатологија.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука