Од земјите во регионот, новата учебна година ќе започне на 1 септември во Србија и во Словенија, во Хрватска на 7 септември, а на 15 септември училиштата ќе се отворат во Бугарија и во Албанија
Додека македонските ученици, родители и наставници чекаат надлежните да одредат точен датум за почеток на новата учебна година, земјите во регионот веќе утврдиле и датум за старт и официјални правила кои ќе мора да се почитуваат додека учениците и вработените се на настава.
Во поголем дел од земјите наставата ќе почне со физичко присуство, со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19. Она што може да се забележи е дека само во Македонија и во Србија родителите имаат можност да изберат дали децата ќе им појдат на училиште да следат часови или, пак, ќе го прават тоа од дома.
Во Хрватска родителите не одлучуваат
Наставата во Хрватска ќе започне на 7 септември, како што соопштија тамошните власти, со почитување на сите епидемиолошки мерки. Таму нема родителите да одлучуваат дали децата ќе им одат на училиште или не. Хрватскиот министер за образование Радован Фуш кажа дека приоритет е сигурноста на децата. Во исклучителни случаи ќе се организира онлајн-настава со претходно одреден распоред за настава за сите ученици кои поради епидемиолошки причини нема да можат да учествуваат во наставата во училниците.
Хрватските власти формирале советодавно-оперативно тело во кое учествуваат експерти епидемиолози, претставници на агенции, синдикат и основачи на училиштата. Ова тело има задача да разработи сценарија, предлози и мерки.
Србија дава можност за избор
Паралелно со часовите во училница, во Србија на 1 септември ќе започне и наставата онлајн. Ќе им биде дозволено на родителите да одлучат дали ќе ги праќаат децата на училиште или, пак, ќе следат настава од дома и на телевизија. Можност да одбираат ќе имаат сите. Проверката на знаењата ќе се врши исклучиво во училиштето. Иако имаат право да одбираат, препораката е децата од пониските одделенија да одат во училиште, особено првачињата, заради социјализација и приспособување на училишната средина. Часот ќе трае 30 минути, а децата од прво до четврто одделение ќе имаат по четири наставни часа. Учениците од петто до седмо ќе имаат пет часа, а одмоодделенците ќе имаат по шест часа дневно.
Сите бугарски ученици се враќаат во училишните клупи
Во соседна Бугарија сите ученици се враќаат во училиште од 15 септември. Секое училиште ќе работи според акционен план. Планот е децата да носат маски низ училишните ходници, а кога се во училница, да ги тргнат маските од лицата. Родителските средби ќе се одржуваат во училиштата, на дистанца во мали групи. Околу исхраната, најверојатно ќе има кетеринг, а учениците ќе ја јадат храната во училниците.
Настава со присуство и во Албанија
И покрај зголемениот број лица со Ковид-19, албанските власти ќе ги отворат училиштата во септември. Албанската министерка за образование Беса Шахини изјави дека учебната година ќе започне како и секогаш, на 14 септември. Училиштата ќе бидат дезинфицирани од страна на општините, а учениците ќе добијат инструкции за тоа како да одржуваат правилно дистанца.
- Во тек е подготовка на протоколи кои ќе треба да се почитуваат додека децата и вработените се на училиште. Во секое училиште правилата ќе бидат различни, зависно од бројот на ученици - рече Шахини.
Во Словенија сите ќе одат на училиште од 1 септември
Симона Кустец, министерката за образование во Словенија, неодамна кажа дека врз основа на епидемиолошката состојба во моментот и врз основа на трендовите на заболени со Ковид-19, учебната година ќе стартува на 1 септември. Спроведувањето на протоколите е обврска за сите тамошни училишта. Сепак, има опција ако состојбата со новозаразени лица и смртни случаи во меѓувреме се влоши, тогаш може и да се одложи стартот на учебната година. Словенците имаат подготвено модели за настава и во случај кога училиштата би биле затворени и во случај кога би биле отворени.
Во Црна Гора во школо од 1 октомври
Почетокот на школската година, на препорака од Институтот за јавно здравје во Црна Гора, е одложен за 1 октомври. Одлуката за одложување, како што објави црногорското министерство за образование, се однесува на училиштата и градинките, а деновиве овие установи ќе добијат детални препораки за тоа како ќе се организира наставата и згрижувањето на децата.
- Додека трае прекинот на работата ќе се применува претходно утврдената мерка за платено отсуство од работа на еден од родителите или старателите за деца до 11 години, со исклучок за оние родители што работат работа која е неопходна за моменталната состојба - објави тамошното министерство.
Во Грција на настава од 7 септември
Во Грција училишните порти ќе се отворат на 7 септември. Министерот за образование и религија Ники Керамос истакна дека тие се во постојана комуникација со здравствените власти и одлучни се за настава со физичко присуство на децата.
- Во блиска иднина и веднаш штом ќе завршат релевантните дискусии со Комисијата, министерството ќе ја објави целосната рамка за повторно отворање на училиштата - изјави Керамос.
Косово уште не знае
Во Косово уште немаат определено датум за почеток на учебната година. Таму се зборува за 3 сценарија по кои ќе учат учениците: враќање во школите со физичко присуство и спроведување мерки за заштита, делумно враќање или комбинирана настава (физичко присуство и е-настава) и само е-настава.