X
 10.07.2021 Живот

Парот што го воодушеви светот: Приказната за Олег и Људмила, кои живееле за уметничкото лизгање

Олег денес има 87 години, а танцуваше со сопругата до нејзината смрт во 2017 година. Белоусова почина на 81-годишна возраст. Светот ги запомни како пар што ги пишуваше најубавите бајки на мраз, а нивната страст се чувствуваше веднаш кога ќе стапнеа на сцената.

Во брак беа речиси 60 години, а се занимаваа со уметничко лизгање многу подолго. Во едно интервју, кога еден новинар ги прашал која е тајната на нивната виталност, Олег одговорил дека главниот виновник е студената клима, а Људмила додала: - Знаете, кога го чувате овошјето во фрижидер, тоа трае подолго.

Олег Протопопов своето детство го поминал во тогашниот Ленинград, денешен Санкт Петербург, кој бил под опсада на нацистичките трупи од септември 1941 до јануари 1944 година.

Многу животи згаснале во тие тешки времиња, некои од непријателските бомби, други од глад, трети од студената зима. Со натчовечки напори очувот на Олег некако успеал да ги извлече Олег и неговата мајка, која била професионална балерина, од  речиси уништениот Ленинград. Кога Олег имал 15 години, првите лизгалки ги добил од неговиот очув, и тука почнува неговата бајка.

Три години помладата Људмила Белоусова, исто така, почнала да лизга доцна. Во уметничкото лизгање се вљубила додека го гледала австрискиот филм „Пролет на мраз“. Кога првпат застанала на лизгалки, имала 16 години.

1
Фото: Wikipedia

Со Олег се запознале во 1954 година и почнале заедно да тренираат. Од сличните интереси и заеднички соништа се роди топла и нежна љубовна приказна.

Наредната година Људмила ги напуштила студиите во Москва и се преселила во Ленинград, каде што Олег служел воен рок во Балтичката флота. Секој слободен момент го минувале заедно, на мразот. Таквата посветеност морала да даде резултати. Олег и Људмила го освоиле првиот златен олимписки медал за тогашниот СССР во Инсбурк, во 1964 година.

На возраст од 31 година, Олег бил најстариот учесник во натпреварите по уметничко лизгање. На следните Олимписки игри во Гренбол повторно се случило чудо. Олег и Људмила го постигнале истиот успех. Со нивните настапи напишале историја во уметничкото лизгање. Четири години по ред (1965, 1966, 1967 и 1968) освојувале златни медали и на Европско и на Светско првенство.

2
Фото: Instagram

Но, животот планирал поинаква и покомплицирана кореографија за двајцата. Одеднаш двајцата станаа проблем за комунистичкиот режим, категорично одбивајќи да се откажат од пријателството со познатиот спортски новинар Аркадиј Галински, кој бил прогласен за непријател на државата.

Сфаќајќи дека нема повеќе живот за нив во нивната земја, за време на турнејата во 1979 година останале во Швајцарија и таму побарале политички азил.

lizganje
Фото: Instagram

Одлучиле да се венчаат во мало село во Швајцарија. Олег и Људмила престанале да се натпреваруваат, но организирале кампови за уметничко лизгање каде што предавале.

Во нивната татковина биле прогласени за предавници, а нивните имиња биле избришани од советските дневници на освојувачи на медали. Многу подоцна им биле вратени сите права и признанија што неправедно им биле одземени. Парот ја посетил Русија по 23 години прогонство, на покана од познатиот хокеар, тогашен министер за спорт, Вјачеслав Фетисов.

3
Фото: Instagram

Парот доста придонел за развојот на дисциплината уметничко лизгање. Тие вовеле три варијации, „спирала на смртта“, која ја нарекле „космичка спирала“, „спирала на животот“ и „спирала на љубовта“.

Експертите и аналитичарите на овој спорт потенцираат дека Белоусова и Протопопов биле одлични не само затоа што биле повеќекратни шампиони, туку и поради нивното исклучително креативно влијание.

Људмила и Олег го воодушевија светот и во 2015 година, 52 години по освојувањето на првото олимписко злато, со своето учество во шоуто „Вечер со шампионите“ што се одржува секоја есен во организација на студентите на Универзитетот „Харвард“.

3
Фото: Instagram

Тие тогаш не изведуваа пируети и скокови од разбирлива причина. Од моментот кога се слушнаа првите тактови на музиката, овие две уметнички души го живееја својот сон и не забележуваа дека околу нив се врти целата вселена.

Танцувале со страст до нејзината смрт во 2017 година.

Во чест на Људмила, Олег секоја година ја организира изложбата „Да живее жената“ како дел од манифестацијата „Лизгање за возрасни“ и со своја соло-точка го затвора овој настан.



Извор: Stil.kurir.rs
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот