Минатата недела Израел стана првата земја во светот што ја забрани продажбата на животинско крзно.
Организацијата која се бори за права на животните, ПЕТА, наведе дека забраната е победа откако израелската министерка за заштита на животната средина, Гила Гамлиел, стави потпис и ја озакони забраната, по поддршката од 86 отсто од населението.
Од ПЕТА истакнаа дека со децении тие и нивните меѓународни партнери откривале застрашувачка суровост на фармите за крзно, покажувајќи дека животните целиот живот го минуваат заробени во тесни и валкани кафези. Групата собрала голем број видеоистраги низ годините за тоа како фармерите за крзно некогаш ги чуваат животните во несанитарни услови и за некогаш бесрамните методи за убивање на животните.
Дополнително од ПЕТА посочуваат дека со тоа што животните се чуваат во толку мали простори и толку блиску едни до други, но и до луѓето, лесно може да се прошират болести. Тоа беше забележано минатата година во фарми за куни во Данска и други земји кога мутација на ковид-19 се прошири меѓу животните и наводно кај луѓето, доведувајќи до убивање на околу 17 милиони куни.
Израелските медиуми пренесоа дека законот изгледа симболичен бидејќи трговијата на крзно сè уште е дозволена за некои исклучоци, меѓу кои и религија, верска традиција, научно истражување, едукација или подучување.
Дозволите се издаваат од властите за природа и паркови, што значи дека во одредени околности во Израел сè уште може да се тргува со крзно со специјални дозволи.
Категориите религија и верски традиции имаат потенцијал да бидат многу користени во таа земја бидејќи ултраортодоксните Евреи Хареди често носат капи од крзно на верските празници и на Шабат.
Сепак, Израел направи голем чекор во борбата против користењето на крзното во модата - индустрија поради која секоја година се одгледуваат или убиваат околу милион животни за нивното крзно.
Извор:
Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay