Владата го усвои извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања за организирање настава со физичко присуство, за период од 2 до 14 септември годинава. Комисијата предлага согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта.
Не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.
- Според извештајот, за организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени вкупно 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија) – информираат од Влада.
Владата ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, по укажувањата на Министерството за образование и наука (МОН) за тешкотиите со кои се соочуваат децата со посебни образовни потреби во следењето онлајн-настава, одобри наставата со физичко присуство на овие деца да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на протоколите дадени од МОН, а училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.