X
 10.06.2026 Наша тема

„Телефонот им е света икона“, професорот Александар Адамовски предупредува на падот на културното однесување кај учениците

Детето е огледало на домот, а на училиште - огледало на наставникот. Но, за жал, во последно време станува огледало на социјалните мрежи.

„Еј, море ти“, често вакви зборови можат да се слушнат од учениците упатени кон наставниците, дури и во повисоките одделенија во основните училишта. Покрај ваквите недолични начини на обраќање, се случуваат и неконтролирани извици додека професорот предава и е свртен со грб, а понекогаш се упатуваат и навредливи зборови.

- Некогаш во одделенијата преовладуваа културните деца. Точно е дека и порано имаше ученици со недолично однесување, но во многу помал број. Денес ситуацијата е обратна. Културата е застапена во многу мал обем, а расте бројот на некултурните - вели Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик.

Со некултура се прават важни

Примерите за кои слушаме деновиве се загрижувачки: од булинг, листи со закани за ликвидација на соученици, полициски билтени со случаи во кои наставник нападнал ученик или обратно, ученик нападнал наставник, служител или друг вработен во школото. Листата е долга.

- Во последните години воспитанието целосно ја изгуби моралната вредност и проблемите се наталожуваат. Има ученици кои потсвесно знаат дека не треба така, но за да се прават важни и главни, продолжуваат со нивното неконтролирано однесување - вели Адамовски.

На културен начин да им се укаже на грешката

За да привлечат внимание, често се случува учениците да манифестираат некултура и за време на часовите. Тогаш останува наставникот да се справи со ситуацијата, на културен начин да му укаже на ученикот дека го избрал погрешниот пат.



- Некои испуштаат гласни извици, користат неконтролирани изрази. На час се случуваат тие работи. Ќе се обратат со ‘ти’ или со извикот ‘еј’. Тоа се зачестени изрази. Но, тоа зависи и од менаџерот на часот, односно наставникот, како тој ќе се постави, така тие ќе го прифатат. Мора да постои принцип, а со него и авторитет. Не дека немало такви случи кога сакале да ја извадат цела енергија на часот, но јас се справувам на добар и културен начин, постојано укажувајќи им дека треба да внимаваат на речникот на изразување - додава Адамовски.

Апел до родителите да го ограничат интернетот на децата

Воспитната компонента на децата тргнува од домот, односно од родителите. Кога ќе дојдат на училиште, децата треба веќе да бидат воспитани, за потоа просветните работници да продолжат со воспитниот процес Детето е огледало на домот, а на училиште - огледало на наставникот. Но, за жал, во последно време стануваат огледало на социјалните мрежи.

- Децата се премногу зависни од социјалните мрежи. Не ги тргнуваат телефоните од своите раце. На повеќето денешни деца нема нешто што не им е дозволено и дадено од некои родители. И тука е најголемиот проблем. Ако се дозволи едно дете денес да носи 1.000 денари во џебот во основно училиште, ако се дозволи да има неограничен интернет, не само во училиште, во училишниот двор, туку секаде, тоа ќе остане на тој телефон, ќе црпи негативни навики и тие ги пренесува понатаму во училишните клупи. Не предавање, тука кој и да дојде да ги советува, нема да помогне. Телефонот им е како света икона - вели Адамовски

Тој апелира: „Родители, помогнете им на вашите деца, ограничете им ги социјалните мрежи и телефоните, ќе видите како можат да се подобрат работите.“



Да не се злоупотребува вештачката интелигенција

Со зачестената употреба на телефоните, интернетот, социјалните мрежи, расте и употребата на вештачката интелигенција. Придобивките од неа можат да бидат позитивни, во смисла учениците да добијат некој корисен податок за одредена лекција или инспирација, но не и да ја злоупотребуваат преку готови трудови и препишувања.

- Кога ученикот ја користи вештачката интелигенција како готов производ, тоа се препознава по самите јазични изрази и стилот на изразувањето. Уште од првата реченица се гледа дека тоа не е негов труд. Замислете, во тие трудови и ние наставниците ќе прочитаме некои изрази кои не ги знаеме за лекцијата што ја предаваме, а децата ни ги пренесуваат - вели Адамовски.

Недостига изрекувањето педагошки мерки

Во однос на недоличното однесување и враќањето на културата во училишта, тој смета дека може да придонесе изрекувањето педагошки мерки - укор, намалено поведение или во краен случај префрлување од едно во друго одделение. Но, само доколку пред нивна примена на мирен начин се укаже дека не треба некултурно да се однесуваат и дека тоа ќе остави последици во иднина.

- На сите ученици ќе им посакам успешно завршување на школската година, успех и да останат паметни и одговорни во животот. Ние како наставници секогаш остануваме отворени за нив, да дојдат да нѐ посетат, да се консултираат зашто тие се иднината на оваа наша убава татковина Македонија - вели Адамовски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема