10.11.2020
Здравје
Филипче: На здравствените работници им треба поддршка, нема потреба од нови рестрикции
Имаме пристап до кислород, имаме сè што е потребно, а со обезбедувањето болнички капацитети и подготовката на кадарот и системот за ротација, подготвени сме за периодот што доаѓа, рече во изјава за медиумите министерот за здравство Венко Филипче.
- Имаме план за следниот период, имаме распоред за стручниот кадар кој ќе работи со ковид-пациенти. Од вчера има нова владина одлука, односно рестрикција во групирањата, групата не смее да биде поголема од четворица во текот на цело деноноќие. Апел до граѓаните, ова е тежок и комплексен период, мораме сите да бидеме свесни и да ги почитуваме мерките, да не излегуваме од дома зашто капацитетите се преоптоварени - рече министерот.
Тој кажа дека потребна е поддршка на здравствените работници и потребно е високо ниво на свест. Засега, нема потреба од воведување на дополнителни рестрикции, рече Филипче.
- Целта на одлуката е да нема собирања по паркови. По 21 часот викендов видовме дека имаше големи групи на граѓани собрани по паркови, токму тоа сакаме да се избегне - додаде министерот.
Тој кажа дека компанијата „Фајзер“ аплицирала да добие дозвола за употреба во Европската агенција за лекови.
- Тоа е процедура која трае неколку месеци. Верувам дека по ургентна постапка до Нова година ќе добијат дозвола и оваа, како и вакцината на „Бајонтек“, да бидат дистрибуирани. Ние ги очекуваме преку ковакс-механизмот. Тоа значи, како што ќе добиваат дозвола, така ќе дистрибуираат во земјите кои се во тој механизам. Имаме и друга понуда од Полска и преку грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој на последната средба со нашиот премиер Заев на Самитот во Солун покажал добра волја да бидеме дел од нивната набавка. Бидејќи е членка на ЕУ, Грција има директен договор за набавка - кажа Филипче.
Подготвил: А.П.