X
 19.10.2017 Здравје

Демне закана од морбили: Како опаѓа вакцинацијата против мали сипаници

Треба да поминат 21 ден од појавата на последниот случај на заболен од мали сипаници – морбили за да може да се повлече ограничената епидемија во областа Кванташка депонија во скопската Општина Гази Баба и да може да кажеме дека оттаму нема нови заразени. Но и потоа, предупредуваат епидемиолозите, нема да сме мирни. За малите сипаници нема колективен имунитет зашто, како што објаснуваат, имаме недоволно вакцинирани деца. Така заразата може лесно да се рашири.



Малите сипаници заразија вкупно 11 деца на возраст од шест месеци до 11 години од Кванташка депонија. Минатата недела лекарите, според информации од скопскиот Центар за јавно здравје, дијагностицирале морбили кај дете од Косово за кое било побарано помош во наша здравствена установа, како и кај 30-годишна жена од Чаир, а има сомнеж дека е заразено 13-месечно дете од скопската населба Шуто Оризари.

Здравствените власти апелираат родителите да ги вакцинираат децата за да се спречи ширење на болеста. Голем број родители, пак, или не даваат вакцини или ја одложуваат токму онаа што штити од морбили. Тие се исплашени поради информациите од поддржувачите на антивакциналната кампања, кои веруваат дека оваа вакцина предизвикува тешки болести, а меѓу другото и аутизам. Таква е состојбата и во Европа, поради што всушност и се шири вирусот веќе подолго време. За да се каже дека има колективен имунитет, треба да се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина.

Како оди вакцинацијата во Република Македонија

За минатата година Институтот за јавно здравје за примарна вакцинација пресметал дека има опфат над 95 проценти за Ди-те-пер (дифтерија, тетанус, голема кашлица-пертусис) и ОПВ/ИПВ вакцина (полио). Опфат под 95 проценти за примарна вакцинација е регистриран со вакцина против хепатитис Б, хемофилус инфлуенца тип Б и со МРП вакцина (морбили, рубеола, паротитис-заушки).



Имено, примарната вакцинација со Ди-те-пер и ОПВ/ИПВ вакцина имаат идентичен опфат од 95,3 отсто. Вакцинацијата против заболувања кои ги предизвикува хемофилус инфлуенца тип Б има опфатод  94 отсто, вакцината против хепатитис Б има опфат од 93,8 отсто, а МРП вакцина се реализирала со опфат од 82,1 проценти.

Опфатот, пак, на ревакцинацијата е под препорачаните 95 отсто. Така, опфат под 95 отсто, но над 90 имаат ревакцинацијата со Ди-те четврта доза, Те петта доза, со ОПВ/ИПВ втора доза и ОПВ/ИПВ трета доза. МРП ревакцинацијата има опфат од 93,3 проценти. Ревакцинација под 90 отсто е регистрирана против хемофилус инфлуенца тип Б, Ди-те-пер прва, втора и трета доза, и ОПВ/ИПВ прва доза.

Опфат под препорачаните 95 отсто, односно под 90 отсто генерално за сите вакцини и ревакцини најчесто се регистрира на територијата на Скопје, а за поединечни вакцини и во Гостивар и Велес.

- Може да се констатира дека опфатот со вакцинација во 2016 година бележи благ пораст во споредба со 2015 година, а исклучок е МРП-вакцината. Во однос на ревакцинацијата, општа констатација е дека опфатот го задржува трендот на опаѓање. Лани опфатот на вакцинација со поливалентните вакцини (хепатит Б, ХиБ, Ди-те-пер и полио), кои беа воведени во 2015 година, бележи зголемување во споредба со 2015 година. И опфатите со вакцинација против хепатитис Б и ХиБ бележат зголемување во споредба со 2015 година приближувајќи се кон препорачаните 95 отсто, што укажува на позитивните ефекти од воведувањето на поливалентните вакцини. Загрижувачки е податокот дека продолжува намалувањето на опфатот со МРП-вакцина во споредба со минатата година, како и во споредба со претходните години. Следствено на ова, се бележи намалување на опфатот и со првата ревакцина за ХиБ, Ди-те-пер и полио на 18 месеци. Ревакцинацијата со Ди-те-пер на 4-годишна возраст исто така е намалена во споредба со 2015 година, како и во однос на просекот за претходните пет години. Во однос на ревакцинацијата со Ди-те и полио кај училишните деца на 7-годишна возраст се бележи низок опфат под 90 отсто, како и намалување во споредба со  2015 година, но и во споредба со претходните години. Ревакцинацијата на 14-годишна возраст со Ди-те и полио, иако бележи зголемување во споредба со 2015 година, во однос на претходните години се регистрира намалување. Само ревакцинацијата против тетанус и покрај тоа што не го достигна опфатот од 95 отсто, го надмина опфатот од минатата година, како и просечниот опфат 2011-2015 година – коментираат од Институтот за јавно здравје.

МРП-вакцината - најпроблематична

Најмалку деца се вакцинирале против морбили, рубеола, паротитис. Вкупниот опфат со МРП-вакцина за целата држава лани бил 82,1 отсто. Понизок опфат од 95 проценти, но повисок од 90 е регистриран на територијата на девет центри за јавно здравје и подрачни единици: Крушево, Тетово, Свети Николе, Виница, Радовиш, Делчево, Велес, Охрид, Берово. Опфат понизок од 90 отсто е регистриран: Крива Паланка, Гевгелија, Демир Хисар, Неготино, Кратово, Струмица, Кочани, Штип, Валандово, Кавадарци, Гостивар, Пробиштип, Куманово, Скопје. Во Пробиштип со МРП вакцина биле заштитени 79,9 отсто од децата што требало да ја примат, во Куманово – 78,8, а во Скопје само 67 отсто.

Прва ревакцина за МРП лани добиле 93,3 отсто од децата што требало да ја примат. Со неа не биле вакцинирани 1.465 деца, од кои 1.037 (70,8 отсто) се жители на територијата на Скопје, Тетово и Гостивар.

Институтот за јавно здравје издава официјална статистика за вакцинацијата по завршување на календарската година. Извештаите во текот на годината ги користи за преглед на состојбата со вакцинацијата. Тие, за половина од годинава, покажуваат дека во сите општини, освен во Скопје, вкупниот опфат на вакцинација за МРП е 85 отсто, а за првата ревакцина е 91,5 отсто.

- Центрите за јавно здравје во Скопје прават пресметка според процената на бројот на деца што треба да се вакцинираат. Како и да е, не сме задоволни од бројот на вакцинирани деца во полугодието. Се надеваме дека по јули и сега со активностите што ги преземавме за да се спречи ширењето на морбили ќе порасне опфатот. Во последните недели вакцинирани се околу 3.000 деца, од кои 2.200 се во Скопје – вели д-р Гордана Кузмановска од ИЈЗ.

Зошто се плашиме од морбилите?

Родителите чии деца се невакцинирани деновиве добиваат покани за вакцинација од вакциналните пунктови, а родителите на првоодделенчињата - покани за систематски и ревакцинација.

Епидемиологот проф.д-р Драган Даниловски вели дека има многу причини зошто толку се зборува за морбилите и треба да се плашиме од нив. Малите сипаници може да се поминат многу лесно, но може и да предизвикаат воспаление на сериозни компликации, па и да бидат фатални кај оние што имаат намален имунитет. Тие се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Се сметаат за лесно преносливи, меѓу другото, и затоа што вирусот останува активен и заразен на инфицираните површини до 2 часа. Проблемот е и во тоа што заразениот од сипаници може да заразува други лица десетина дена пред да знае дека ги има, т.е. пред да добие исип.

Од друга страна, статистиката вели дека кај 20 отсто од случаите се случува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија.

- Ако не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција и тогаш сѐ е посложено. Морбили може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот. Исто така, може да се темпирана бомба за возрасни што ги прележале, а не се вакцинирани, зашто може да предизвикаат субакутен морбилиозен паненцефалитис, кога се опфатени сите делови од мозокот и смртноста е 100 проценти - објаснува д-р Даниловски.

Првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје