Организацијата на работодавци на Македонија бара до 31 октомври 2024 година да продолжи примената на Законот за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување по основа на зголемување на плата.
- Нашето барање е членот 11 кој во постојниот закон гласи: „Овој закон ќе се применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година“ да се измени и да гласи: „Овој закон ќе се применува од 1 ноември 2022 година до 31 октомври 2024 година“ - информираат од ОРМ.
Оваа иницијатива, како што посочуваат, е покрената по направените консултации со нивните членки.
- Имајќи ја предвид моменталната економска и енергетска криза, кога компаниите се соочуваат со енормно зголемени трошоци за производство и ги прават сите напори да останат конкурентни на пазарот и да ги задржат работните места, сметаме дека е од особена важност да се продолжи со субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување по основа на зголемување на плата за да може да го издржат периодот што претстои. Сакаме да истакнеме дека се работи за закон, кој имаше поставено јасни цели за неговото донесување, беше многу лесно применлив и ја оствари целта за која беше донесен –покачување на платите на вработените - се наведува во соопштението од ОРМ.
Извор: МИА