X
 22.09.2023 Живот

Хотелите за миленици работат со полн капацитет, резервации се прават за два месеца однапред

За лесно приспособување, им препорачуваме на клиентите да го донесат нивното куче барем еден ден во дневен престој пред ноќевањето. Три дена дневен престој е идеален – а со тоа ќе му се овозможи на кучето да се навикне на објектот и да има подобро целокупно искуство, ќе се чувствува удобно со персоналот и ќе научи дека сопствениците ќе се вратат за да го однесат дома, истакнуваат од хотелот за миленици „АвАв“

На крајот од сезоната на годишни одмори решивме да ги прашаме хотелите за миленици како ја оценуваат сезоната. Дали сѐ повеќе луѓе ја користат можноста да остават миленик во хотел, колку често ги оставаат, дали имаат некакви барања и како милениците се снаоѓаат во хотелот? А ги прашавме и сопствениците на миленици колку често практикуваат да ги однесат во хотел.

Ања М., сопственичка на ретривер, ни сподели дека хотелите за миленици ѝ се од голема помош, дури и не знае како би функционирала доколку не постојат.

- Имаше моменти порано, кога имав друг миленик, откажував многу планови за викенд затоа што немав каде да го оставам кучето. Многу одмори сум модифицирала само поради тоа што немаше кој да ми го чува и морав или да останам дома или да го носам со мене под услов да најдам сместување надвор кое дозволува миленици. Сега навистина ми е многу полесно. Имам супер искуство со неколку хотели. Ми се допаѓа и што веќе има избор, се зголемува конкуренцијата, се нудат сѐ подобри услови за чување и знам дека го оставам во сигурни раце, на сигурно место, а и нему му е добро. Има друштво и е згрижен. Така што нема веќе оставање кај пријатели. Од сегашен аспект, кога ќе помислам дека и на пријателите сум им давала обврска и цело време сум се грижела како ќе поминат, уште посреќна сум што постојат хотели - ни сподели Ања.



Најчесто времето на престој е од 7 до 14 дена

Од „M&M петс хотел“ ни соопштија дека интересот е значително зголемен во споредба со изминатите години.

- Морам да посочам дека сѐ уште се оставаат миленици кај соседи/роднини, а за жал, тоа некогаш завршува со непријатни случки и на тоа треба да поработиме. Најчесто времето на престој е од 7 до 14 дена или при службени патувања кога е пократок престојот. Побарувачката би ја класифицирала во три групи, односно: мали кутриња и бебиња, возрасни миленици и стари сениори. Првата и последната група се со поразлични потреби поради степенот на енергија, терапии што примаат и дополнителни состојби што можеби ги имаат. Возрасните кучиња имаат стандардни потреби што еден миленик би ги имал, односно: чешлање за тие што се долго крзно, шетање и играње, галење и секако физиолошките потреби и хранење. Идејата за М&М беше да се добредојдени сите миленици, односно и атипични, стари, агресивни или несоцијализирани. Типот на миленици директно влијае врз капацитетот бидејќи гореспоменатите бараат дополнителна посветеност и нега, па тогаш бројката е значително помала. Со социјализирани миленици и без отстапки бројката е до 10-ина во истиот период, каде што сите се со соодветен третман – ни сподели Мартина Павловиќ, управител на „М&М петс хотел“.



Во самиот хотел не влегуваат клиентите, туку ги пречекува сопственичката на хотелот на дистанца од куќата и потоа влегува сама.

-Потоа јас како неутрална и следејќи го говорот на телото, оценувам кое со кое куче би било добро во група. Доколку има мало незадоволство од кое било куче, се формираат две-три групи и тие нема да бидат на ист простор слободни. За ова имаме долги разговори со сопствениците за да имам груба претстава како ќе реагира кучето во даден момент, па така приближно знам кои кучиња ќе си одговараат. Цената се движи од 900 до 2.000 денари на ден. Преферирам престојот да е со нивна храна бидејќи самото носење во хотел е стрес за милениците, па менувањето храна може да биде дополнителен проблем - споделува Мартина.

Велат дека сега имаат дефинитивно најголем интерес, со резервации два месеца однапред бидејќи функционираат на принцип прв дојден-прв услужен и откако бројката ќе се пополни, нема простор за нови.



-Тие што ни се постојани клиенти веќе знаат каде доаѓаат и кај нив нема процес на адаптација, меѓутоа, новите што доаѓаат првпат имаат таков период кој трае ден-два. Потребно е милениците да се почувствуваат безбедни и сакани за полесно да се адаптираат – ни појаснува Мартина.

Адаптацијата е многу важна

Хотелот „АвАв“ постои веќе шест години и располага со 45 соби, храна, садови за храна, удобни креветчиња и мека перница, играчки, постојан 24-часовен надзор, климатизација, камери во целиот објект, надзор од професионален тим кој работи во три смени. Секое куче има лична спална соба која му е на располагање 24 часа. Хотелот работи во текот на целата година. Во текот на летните месеци капацитетот е исполнет до последно место, па затоа им препорачуваме на нашите клиенти секогаш навреме да резервираат соба. За сместување на големо куче еден до два дена чини 1.200 денари (24 часа), а за мали и минијатурни кучиња 900 денари од ден.



- Кај нас со хотелското сместување е вклучена дневна градинка со сите содржини на слободна игра, истрчување и вежби за агилност на рампите во специјализираниот парк кој се простира на 2.000 квадратни метри. Кучињата во текот на целиот ден слободно се движат, играат и се социјализираат со нивни другарчиња. Кучињата добиваат 24-часовна нега, анимација и надзор и во текот на ноќта од специјално обучен тим. Кучињата се делат според карактерни особини во различни простории и паркови наменети за игра, не се мешаат кучиња кои не се однесуваат соодветно и не им прилегаат на карактерот за дружба – ни споделуваат од „АвАв“.



За лесно прилагодување им препорачуваат на клиентите да го донесат нивното куче барем еден ден во дневен престој пред ноќевањето во хотелот.
 
-Три дена дневен престој е идеален – а со тоа ќе му се овозможи на кучето да се навикне на објектот и да има подобро целокупно искуство, ќе се чувствува удобно со нашиот персонал и ќе научи дека сопствениците ќе се вратат за да го однесат дома.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот