„Во Палестина, каде што е злосторство да се вее палестинското знаме, луѓето јадат парчиња лубеница како пркос на израелските војници истакнувајќи ја црвената, црната, белата и зелената боја на Палестина“.
Ова е дел од „Ода на лубеницата“, песна на американскиот поет Арачелис Гирмај, која пее за симболичното значење на плодот за палестинската цел.
Црвената, црната, белата и зелената боја се боите не само на лубеницата, туку и на палестинското знаме, така што симболиката може да се види низ светот во пропалестинските маршеви и во безброј објави на социјалните мрежи во врска со тековната офанзива на израелските сили во Појасот Газа населен со Палестинци.
Но, постои цела историја зад метафората за лубеницата.
По арапско-израелската војна во 1967 година, кога Израел ја презеде контролата врз Газа и Западниот Брег, го забрани истакнувањето на националните симболи, како што се палестинското знаме и неговите бои, на тие територии. Со оглед на тоа што носењето на знамето станало кривично дело, Палестинците почнале да користат парчиња лубеница наместо знамиња како форма на протест.
Откако Израел и Палестинците потпишале серија привремени мировни договори познати како Договорот од Осло во 1993 година, знамето било признаено како знаме на палестинските територии и власта, која управува со Појасот Газа и делови од окупираниот Западен Брег.
Фото: Instagram/Khaled Hourani
- Во Појасот Газа, каде што некогаш биле апсени млади мажи затоа што носеле парчиња лубеница, истакнувајќи ги црвените, црните и зелените палестински бои, војниците стојат настрана, зовриваат од бес, додека поворките маршираат веејќи го некогаш забранетото знаме - објави новинарот Џин Кифнер од „Њујорк тајмс“ по потпишувањето на Договорот од Осло.
Неколку месеци подоцна, во декември 1993 година, весникот изјави дека тврдењата за апсење во овој извештај не може да се проверат, но додаде дека портпаролот на израелската влада рече дека не може да негира дека можеле да се случат вакви инциденти.
Оттогаш, уметниците продолжија да создаваат дела со лубеници во знак на солидарност со Палестинците.
Едно од најпознатите уметнички дела беше насликано во 2007 година од Калид Хурани за корицата на книгата „Субјективен атлас на Палестина“.
Наречена „Приказна за лубеницата“, сликата е изложена низ целиот свет и се здоби со дополнително значење за време на конфликтот меѓу Израел и Хамас во мај 2021 година.
Ново појавување на лубеницата беше забележано на почетокот од годинава.
Во јануари, кога израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир ѝ наложи на полицијата да ги отстрани палестинските знамиња од јавните места и рече дека нивното веење е чин на „поддршка на тероризмот“, слики од лубеници се појавија на демонстрациите на израелската опозиција и нејзините поддржувачи.
Израелскиот закон не забранува палестински знамиња, но полицијата и војниците имаат право да ги отстранат во случаи кога сметаат дека постои опасност за јавниот ред.
На протестот во Ерусалим во јули израелските демонстранти држеа знаци во боите на палестинското знаме на кои имаше лубеница или зборовите „слобода“.
На протестите во Тел Авив во август, поради судските промени од владата на Бенјамин Нетанјаху, група демонстранти носеа маици со илустрации на лубеници.
Неодамна, лубениците најчесто се појавуваа во објавите на социјалните мрежи во знак на протест против војната во Газа.
Британскиот муслимански комичар Шумирун Неса создаде филтри за лубеница на социјалната мрежа „Тик-ток“ и ги охрабри следбениците да снимаат видеа со нив, ветувајќи дека ќе ги донира сите приходи во добротворни организации кои помагаат во Газа.
Некои корисници на социјалните мрежи можеби објавуваат лубеници наместо палестински знамиња, поради страв дека платформите може да ги затворат нивните профили или да ги избришат нивните видеа.
Пропалестинските корисници претходно го обвинија „Инстаграм“ поради „притаени забрани“ - случаи кога платформата интервенира за да спречи одредени објави да се појавуваат на туѓи профили.
Но, Џо Тајд, новинар на Би-би-си кој ја следи технологијата, вели дека нема докази дека тоа се случува сега.
- Не мислам дека постои заговор за забрана на корисниците да објавуваат пропалестинска содржина. Луѓето објавуваат слики од лубеници на социјалните мрежи, но во исто време слободно го користат палестинското знаме и отворено пишуваат за конфликтот - вели тој.
Лубеницата со децении се смета за политички симбол во Палестина, особено за време на првата и втората интифада (палестински востанија).
Денес, тоа не е само неверојатно популарно овошје на палестинските територии, туку и моќна метафора за генерации Палестинци и оние што ја поддржуваат нивната борба.
Извор:
ВВС
Фото:
Instagram