Софи Кастнер, музички композитор, успеа да го преведе нечујното во песна, претворајќи ги нијансираните податоци што произлегуваат од срцето на нашиот Млечен Пат во ноти на дисонантна симфонија.
- Тоа е како да пишувате измислена приказна која во голема мера се базира на вистински факти - вели таа.
Нејзиното дело „Каде што се спојуваат паралелните линии“ е еден специфичен портрет на централниот регион на нашата домашна галаксија, соодветно познат како Галактички центар. Физичкото гледање на оваа слика може да биде малку дезориентирачко. Снимена е во различни светлосни бранови должини од неколку моќни снимки на длабоката вселена - телескопите „Чандра“, „Хабл“ и „Спицер“ на НАСА.
Наместо да се обиде да направи звучна смисла на оваа композитна слика од 2009 година во целост, Кастнер одлучи да се фокусира на три клучни елементи. Првиот е двоен ѕвезден систем откриен во бранови должини на х-зраци, означен со светлосина топка лево од сликата; вториот е групата на заоблени филаменти што ги гледаме; а третиот е најголем од сите: супермасивната црна дупка Стрелец А* која демне во срцето на нашиот Млечен Пат.
Сигурно се прашувате: Што всушност значи овој превод? Како може телескопските податоци да се претворат во саундтрак на сопствената вселена?
Во извесна смисла, звучните бранови може да се замислат како вибрации кои се шират низ атомите и молекулите што лебдат во воздухот. На Земјата, има многу различни работи во нашиот воздух - брановите поврзани со тропање на вашата врата, на пример, можат да патуваат низ воздухот од вашата куќа до вашите уши. Но, во вселената нема „воздух“. Тоа е вакуум. Ако врескате во вселената, звучните бранови што би ги создале нема да имаат што да вибрираат, така што некој што стои на неколку метри од вас нема да ве слушне. Дури и ако галактичкиот центар беше исполнет со неверојатни звуци, ние немаше да можеме да ги слушнеме освен ако нема доволно атоми во околината за тие звучни бранови да се рашират.
Напорите за сонификација се особено пофалени од научната заедница бидејќи „слушањето“ слика од длабоката вселена може да им овозможи на вселенските ентузијасти со оштетен вид да воспостават подлабока врска со она што се наоѓа во далечните краишта на вселената.
Да биде појасно, ниту една од песните поврзани со овие гореспоменатите слики не е направена со звуци буквално снимени во вселената. Тие се аудиоинтерпретации на податоци, исто како што сликите на телескопот „Џејмс Веб“ се оптички интерпретации на инфрацрвени сигнали.
- Ова е само уште еден начин за луѓето да комуницираат со ноќното небо исто како што тоа го правеле низ историјата. Ние користиме различни алатки, но концептот да бидеме инспирирани од небото за да создаваме уметност останува ист - рече Кимберли Арканд, научник за визуализација на „Чандра“ и развој на технологијата.
Извор:
Space.com
Фото: X-ray: NASA/CXC/SAO; Optical: NASA/STScI; IR: Spitzer NASA/JPL-Caltech