X
 22.12.2018 Живот

Најголемата светска пиварница ќе произведува пиво со канабис

Најголемата светска пиварница „АБ ИнБев“ (БУД) ја извести јавноста за најновата соработка со канадската компанија „Тилреј“. Тие имаат намера со заеднички сили да произведат пијалак со канабис.

„АБ ИнБев“ цели кон пазарот на консумирачи на марихуана, особено по легализацијата на канабисот во Канада и во некои американски сојузни држави.

Овие две компании имаат намера да вложат 100 милиони долари во истражување на безалкохолните пијалаци што содржат одредено ниво на канабис.

За почеток, компаниите ќе ги пласираат ваквите пијалаци само во Канада. Потоа „АБ ИнБев“, која е позната по брендовите „бад лајт“ и „стела артоис“, ќе донесе одлука за пазарната исплатливост на пијалаците со канабис.

Компанијата „Тилреј“, со седиште во Британска Колумбија, е специјализирана во областа на производство на производи од медицинска марихуана. Оваа недела таа го најави партнерството со швајцарската фармацевтска компанија „Новартис“ за да ја осигури дистрибуцијата на медицинскиот коноп на меѓународниот пазар.

Цените на акциите на канадската компанија пораснаа четирикратно по појавата на американската електронска берза на акции во јули.

Но, компаниите „АБ ИнБев“ и „Тилреј“ не се единствените компании што фрлиле око на растечкиот пазар на корисници на коноп. Со оглед на тоа дека во САД демократите ја презедоа контролата над Претставничкиот дом, Конгресот би можел да донесе нов закон кој би ја отворил вратата за легално производство на марихуана и за уште поголема понуда на производи кои содржат канабидиол (CBD).

Така, овој месец компанијата „Алтрија“, чиј сопственик е „Марлборо“, најави вложување од 1,8 милијарда долари во канадската компанија „Кронос груп“, која се занимава со производство и пласирање на канабис.

Белгиската компанија „АБ ИнБев“ веќе некое време размислува како да ја подобри продажбата бидејќи нејзините досегашни купувачи во последно време сè повеќе се свртуваат кон помалите пиварници, што ја намали побарувачката за нејзините најпознати пива „бадвајзер“ и „бад лајт“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот