X
 05.12.2022 Култура

Интересни факти за земјата на чоколадото, вафлите и пивото

Кралството Белгија се простира на 30.688 квадратни километри во Северозападна Европа. Белгија е една од шесте земји основачи на Европската Унија, а нејзиниот главен град е Брисел.

Она по што е позната оваа најгусто населена држава во Европа е пивото, чоколадото, важните историски личности и пронаоѓачите. Ви откриваме неколку интересни факти за Белгија кои можеби досега не сте имале можност да ги прочитате.

2
Фото: Freepik

Не постои белгиски јазик

Белгија се наоѓа помеѓу Франција, Луксембург, Германија и Холандија (и Северното Море). Овие земји имале големо влијание врз нејзината култура и традиција. Тоа го докажуваат дури трите официјални јазици: француски, германски и холандски (фламански). Затоа, не е изненадувачки што некои белгиски градови имаат две или три официјални имиња. Антверпен, на пример, во Белгија се нарекува и Анверс и Антверпен.

Може да функционира и без влада

Белгија е уставна монархија со парламентарен систем на владеење. Но, во минатото неколку пати докажала дека може нормално да функционира и без државна власт, па така издржала дури 652 дена без влада од декември 2018 година до октомври 2020 година.

Пронаоѓачи на интернетот и саксофонот


Многу познати личности од светот на уметноста, политиката и науката се родени во Белгија: од сликарот Јан ван Ејк и Рене Магрит до картографот Герхард Меркатор. Белгиецот Адолф Сакс е заслужен за изумот на саксофонот, по кој инструментот го добил своето име. Од Белгија доаѓа и Роберт Кајо, кој ја измислил светската мрежа заедно со англиски научник.

2
Фото: Freepik

Штрумфовите потекнуваат од Белгија

Многу стрипови и цртани филмови потекнуваат од Белгија. Најпознати меѓу нив се секако штрумфовите. Малите сини суштества кои живеат во печурки во европска шума ги измислил белгискиот карикатурист Пјер Калифорд, попознат по прекарот Пејо. Името штрумфови нема смислено значење, туку е резултат на инспирацијата на авторот. Се раскажува дека Пејо бил на ручек со пријател во ресторан на белгиското крајбрежје, а кога го замолил да му го подаде соларничето, не можел да го смисли вистинскиот збор и изговорил „Passe-moi... le schtroumpf“ (Подај ми го штрумфот). Зборот „штрумф“ и неговите деривати му биле толку смешни на илустраторот, што ги именувал слатките сини суштества по нив. Другото е историја.

Белгија е земја на пивото

Не само што во земјата има голем број фабрики и помали пиварници кои произведуваат повеќе од 1.000 различни видови пиво, туку секое пиво има своја чаша. Ништо нема да го налути Белгиецот толку брзо како кога точите пиво во погрешна чаша. Ќе се изненадите кога ќе го видите бројот на различни чаши за пиво во белгиските продавници за сувенири.

Највкусното чоколадо

Ако ги прашате Белгијците, тие го имаат најдоброто чоколадо на светот. Белгија има навистина долга традиција на производство на чоколадо, која датира од 19 век, а се карактеризира со исклучително мазна текстура и умерено сладок вкус.

2
Фото: Freepik

Белгија е земја на вафлите и вкусен помфрит

Во Белгија можете да пробате дури 30 различни верзии на овој деликатес, во кои се разликуваат текстурата, сладоста и големината на десертот. Вафлите најчесто се јадат со слатки додатоци како чоколадо и овошје. Освен тоа, ако сте во Белгија, мора да пробате пржени компири - помфрит, кој тие го измислиле, а најчесто се сервира со мајонез.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура