X
 23.01.2022 Живот

Строго чувани тајни за шпионите и мисиите во текот на Студената војна

Студената војна беше политички конфликт меѓу западните сили, предводени од САД, и источните сили, предводени од СССР, која се водеше од 1945 до 1991 година. Војната се водела со сите можни средства, но никогаш не прераснала во вооружен конфликт од светски размери. Токму овој период од четириесет и нешто години вклучува некои од најважните и најдолгите шпионски мисии во историјата.

Втората најстара професија во светот

При споменувањето на терминот „шпион“ веднаш помислувате на Џејмс Бонд, агенти на ЦИА или можеби некој мистериозен човек во кабаница и капа, но шпион може да биде секој што има вредни информации. На пример, владин министер може да биде одличен шпион, но чистач, чистачка или чувар кој работи во иста владина зграда исто така може да ја заврши работата. Значи, сѐ зависи од тоа дали личноста има пристап до вистинските информации. Во овој случај, изјавата „информациите се пари“ може совршено да се примени.

Шпионите помагаат тајно да се соберат информации за активностите на ривалската влада или група со цел да се зачува националната заштита на државата. Тие можат да бидат мотивирани од идеологија, патриотизам, пари или уцена. Во текот на една војна, шпионажата е регулирана со меѓународното право, во спротивно таа спаѓа во индивидуалните државни криминални права. Најстарите записи за шпионажа може да се најдат во Стариот завет и во античките воени стратегии на Кина, Индија, Египет, Рим и Грција. Некои извори дури тврдат дека тоа е втората најстара работа во светот (по проституцијата).

Шпионажата во Студената војна


Бидејќи војната што вклучува директна битка со нуклеарно оружје се нарекува „жешка војна“, оваа долготрајна војна меѓу западните и источните сили, во која немало вистински борби, спротивно на терминот, наречена е Студена војна. Со оглед на тоа, предноста во оваа војна се стекнувала со собирање информации. Затоа, двете страни многу инвестирале во регрутирање и обука на шпиони со цел да соберат тајни информации за воените и техничките можности на воениот ривал.

Националните агенции што регрутирале шпиони забележале дека постојат два типа луѓе: оние што треба да бидат убедени и охрабрени да го сторат тоа и оние што самостојно донесуваат пресметана одлука да го сторат тоа. Било исклучително тешко да се најдат такви луѓе, кои, покрај тоа, биле во позиција да пристапат до доверливи документи или луѓе.

Според тоа, Студената војна била златната доба на шпионажата, а покрај потрагата по шпиони и нивниот ангажман, се посветувало големо внимание на дизајнот на шпионската опрема. Еден пример се очилата за самоубиство во кои имало таблета со цијанид во рачката. Во случај да ги фатат противничките сили, шпионите нервозно и од навика би ја џвакале рачката од очилата, а всушност така би дошле до апчето што ќе ги отруе и убие. На тој начин би се избегнала евентуална тортура и следствено на тоа и откривање тајни информации.

Исто така, денеска се знае дека Комитетот за државна безбедност (КГБ) имал една од најнапредните аудиотехнологии за следење, па во една пригода озвучиле хотел во Естонија за кој забележале дека има зголемен број меѓународни гости. Дури 60 соби биле озвучени, а КГБ постојано ги шпионирал гостите во тие соби. Ним им се припишуваат и пронаоѓањето чевли со предаватели и микрофон за снимање разговори, како и невидливо мастило, кое оставало невидливи информации на хартија.

Кој бил Гревил Вин?

Неговата приказна започнува во 1960 година, на ручек со агент на британската тајна разузнавачка служба МИ6, кој побарал од него да организира состанок со Државниот комитет во Москва на неговото следно службено патување во СССР, посветено на развојот на науката и технологијата со странци. Кога ќе се врати, требало да му пријави на агентот за разговорите што ги имал таму. Вин се согласил и на тој начин станал британски шпион.

1
Гревил Вин/Фото: Wikipedia

За време на неговата посета на Москва, тој се сретнал со вториот дел од оваа шпионска загатка - потполковникот на советската разузнавачка агенција ГРУ, Олег Пенковски. Поради неговата висока позиција, тој набавувал документи со тајни воени информации, а преку Вин патувале до западните сили. По само две години КГБ го откри дуото. Пенковски признал сѐ и се покајал за злосторството, но бил погубен, а Вин негирал сѐ и бил осуден на осум години затвор. Меѓутоа, Британија на крајот успеала да го замени Вин за еден советски шпион.

Интригантната шпионска приказна што ја следи Гревил Вин го инспирира сценаристот Том О’Конор да ја пренесе и на филмското платно. О’Конор рече дека бил доста заинтригиран од приказната за обичен човек кој се согласил да ги преземе одговорноста и товарот на тешката шпионска мисија. Она што му било уште поинтересно е што излегло дека двете книги што Вин ги напишал за неговото шпионско искуство се полни со лаги. Според британските и американските историчари на разузнавањето, Вин бил патолошки лажго. Филмот се вика „Курирот“ и неговата премиера беше во 2020 година.

Уште неколку интересни шпионски приказни од тоа време

Розенбергови - американски пар кој основал комунистички шпионски синџир

rozenberg
Етел и Џулиус Розенберг/Фото: Wikipedia

Брачната двојка Џулиус и Етел Розенберг од Њујорк биле лојални комунисти и водачи на шпионскиот синџир кој објавувал воени тајни на источниот блок. Нивниот заговор започнал некаде околу 1940 година, кога Џулиус Розенберг се вработил како инженер во Армијата на САД. По пет години бил отпуштен бидејќи војската дознала за неговите комунистички убедувања. Наскоро било откриено дека илјадници страници од документи со детали за нови радарски и аеронаутички технологии биле доставени до Советите, а тоа не го направила само оваа брачна двојка, туку и нејзините поддржувачи. На судењето по нивното апсење, братот на Етел сведочел против нив во 1950 година и на крајот тие биле осудени на смрт од судијата, кој рекол дека нивното злосторство е полошо од убиство. Розенбергови биле испратени на електричен стол во 1953 година, што е првиот случај кога американски цивили биле погубени поради шпионажа.

Клаус Фукс - советски шпион кој за својата работа добил почести од Источна Германија

Со Розенберг се поврзува уште едно познато шпионско име - Клаус Фукс, кој избегал од Германија во Обединетото Кралство откако Хитлер дошол на власт. Таму докторирал по физика, а за време на Втората светска војна учествувал во британската програма за развој на тајната атомска бомба и проектот Менхетн во САД. Тој бил уапсен во 1950 година кога американските агенти откриле дека со години тајно им доставувал нуклеарни тајни на Советите.

klaus
Клаус Фукс/Фото: Wikipedia

Фукс признал сè и го споделил своето верување во заговор на западните сојузници кои, според него, намерно дозволиле војна меѓу Русија и Германија. Кога го откриле Фукс, набрзо ги откриле Розенбергови, кои биле американскиот контакт. Тој добил девет години во британски затвор, по што се преселил во Германија, каде што работел како нуклеарен физичар. Интересно е што Фукс е добитник на медалот „Карл Маркс“, највисокото цивилно признание на Источна Германија.

Адолф Толкачев - шпион кој барал одмазда


Во 1977 година советскиот инженер за електроника Адолф Толкачев побарал од ЦИА да се сретне со американски функционер. На почетокот, ЦИА била убедена дека ова е стапица на КГБ, но на крајот сепак поверувала во приказната на Толкачев. Имено, овој советски инженер решил да ја шпионира советската влада поради одмазда за тоа што ја погубиле неговата мајка, а таткото на неговата сопруга го затвориле. Од 1979 до 1985 година Толкачев фотографирал, со камера што му ја дала ЦИА, доверливи документи со кои САД дознале сѐ за новите советски системи за оружје.

tolkacev
Адолф Толкачев/Фото: Wikipedia


Се проценува дека поради овие информации, американската војска заштедила околу две милијарди долари наменети за истражување и производство. Толкачев добил повеќе од 1 милион долари за неговата шпионска работа и рок-албуми за неговиот син. Неговиот бизнис со шпионажа бил прекинат во 1985 година кога Советите дознале што прави и го погубиле.

Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот