X
 22.05.2017 Живот

Угледен германски институт ги детектира точките на напнатост на Балканот


Географска карта со Балканските земји
(Фото: Britannica)

Балканот сè уште претставува „буре барут“ и подрачје со висок ризик од етнички па дури и меѓудржавни конфликти.  Постои многу прецизна бројка: на просторите на поранешна Југославија, постојат 13 подрачја каде постои можност да избијат конфликти или веќе се започнати, а најчесто истите се последица на вековни етнички напнатости, покажа неодамнешната експертиза на Хајделбершкиот институт за истражување на конфликти (ХИИК).

Силвија Штајнингер, политиколог и правник во ХИИК, е надлежна за истражување на конфликти и кризи во Балканскиот регион. Тие од 1992 го објавуваат годишниот барометар на конфликти (Conflict Barometer) кој претставува анализа на глобалните судири. „Судири, сецесионистички барања, против-владини протести и провокации на етничко ниво: Балканот не мирува“, се зборовите со кои таа неодамна за „Дојче веле“ го опиша овој регион.

Во опширната анализа се наведува дека постојат три групи на конфликти и напнатост. Првата, ги опфаќа оние што се поврзани со етничка напнатост, кои пред сè се последица и остатоци од балканските конфликти и сè уште тлеат на истите простори. Втората група се таканаречени класични конфликти меѓу опозицијата и власта, како што ги перцепира ХИИК оние во Романија и Бугарија, сметајќи ги за ненасилни, но и конфликтите во Македонија и Косово, каде веќе има констатирано насилство. Третата група конфликтни се поврзани со ксенофобични,  десничарски или екстремно-десничарски групи и малцинства во Унгарија или конфликти со исламистички групи во БИХ.

Аналитичарите на ХИИК во 2016 година изброија 402 конфликтни зони, од кои 226 вклучуваа насилство, од тепање демонстранти од полицијата до вистински воени судири. На пример, во Донбас  трае перманентен воен судир меѓу проруските сепаратисти и украинските сили каде веќе се констатирани повеќе од 9.800 жртви.

Во споредба со овие црни статистики, на Балканот трае „привиден мир“, но „конфликтниот потенцијал и натаму останува сигнификантно висок“, според зборовите на Штајнингер.

Навистина, кои се тие 13 невралгични точки  во југоисточна Европа кои ги напоменуваат аналитичарите од ХИИК?

Веројатно, одговорот најдобро го прецизира доктор Јосип Глаудриќ, политиколог, до неодамна ангажиран на Кембриџ, а сега предавач на Универзитетот во Луксембург, кој се противи на тезата за недовршената историја на Балканот  затоа што смета дека треба да се работи во континуитет за да се разбере од каде доаѓаат вистинските закани. „Со јазикот на десницата, треба да сме подготвени, а со јазикот на левицата , ништо не смее да нè изненади“, иронизира Глаудриќ.

„Стабилноста на одреден простор не е еднаш засекогаш востановена константа. Таа зависи од политичките услови, и сè додека постојат политички актери на кои им одговара напнатост и нестабилност – така и ќе биде“, вели тој.

Во Хрватска се нотирани две ситуации, првата поврзана со српското малцинств о и нивното барање за воведување на кириличното писмо на подрачјето на Вуковар, а втората е во врска со хрватско-словенечкиот граничен спор кој трае од 1991 година, и сè уште е на ниво на државни политички расправи.

Во БИХ се лоцирани три конфликтни подрачја, за среќа, со релативно ниско ниво на ризик. Првата тема се однесува на политичкиот конфликт меѓу Хрватите и Босанците за создавање на хрватски ентитет во федерацијата БИХ, кој се опишува како „барање на автономија“, а втората се однесува на обидите за одвојување на Република Српска , што се забележува како „барање за рецесија“.  Третата сепак предизвукува најголема загриженост, а се оценува како „опасност од исламистички групи кои дејствуваат во државата“, и се смета за повисоко ниво на сериозност, но сепак станува збор за ненасилен конфликт во време кога е напишан извештајот.

Во повисока зона на можна опасност е нотирана ситуацијата во Македонија, каде во тек се два конфликти. Понискиот се однесува на барањето на Албанците за добивање на широка автономија, а посериозниот на конфликтите меѓу поддржувачите на челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски , кој е осомничен за злоупотреби и корупција и неговите противници, кои бараат негово апсење и изведување пред  суд.

Ситуацијата во Македонија се оценува како потенцијално експлозивна, откако претседателот Иванов му го довери мандатот за формирање влада на челникот на СДСМ, Зоран Заев, откако со месеци одбиваше да го направи истото, сметајќи дека постои можност за нарушување на унитарниот карактер на државата.

Очекувано, односите меѓу Србија и Косово, односно меѓу Србите и Албанците, се најопасното подрачје за можен конфликт во балканскиот регион, што е констатација и на аналитичарите од Хајделберг.

Во денешна Србија, постојат три конфликтни подрачја, а тоа се положбата на бошњачката заедница која бара автономија за Санџак, како и албанската енклава од Прешевската долина, која претендира за спојување со Косово. Третата опасност за сериозен воен конфликт претставуваат радикалните исламисти кои се повратници од Сирија и Ирак, меѓу кои има и такви кои се наклонети кон  закани со терористички мерки.

И на Косово се детектирани три зони на конфликти, од кои најжестоки се оние меѓу членовите на движењето „Самоопределување“ кои со насилни демонстрации се обидуваа да ја сменат избраната влада.  Особено се затегнати и односите меѓу  официјалните односи меѓу  Приштина и Белград, како и меѓу косовските Срби и косовските власти, кои речиси во потполност се составени од Албанци.

Тогаш, кој е излезот за Балканот да престане да биде европското „буре од барут“, каде и најмалиот конфликт може да предизвика меѓунационален судир и експлозија?  Многумина аналитичари излезот го гледаат во забрзан прием на регионот во ЕУ, сметајќи дека таков чекор би ги намалил напнатостите и би трасирал патека за можен просперитет за овие држави.

Албанскиот премиер, Еди Рама, на пример, се закани дека доколу ЕУ не го забрза процесот за прием на новите членки во Унијата, во Албанија и на Косово ќе почнат да размислуваат за обединување во единствена албанска држава. На тоа, очекувано, од  Србија експресно брзо стигнаа закани за воен судир заради непризнавањето на косовската независност од страна на официјален Белград.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот