X
 04.11.2020 Наука

Поради климатските промени, се „разбуди“ растение по 60 милиони години

Поминале 60 милиони години откако растението цикада (Cycas revoluta) природно растело во Велика Британија. Сега првпат ботаничарите успеале да произведат машки и женски цикади кои растат на надворешна температура.

Растението потекнува од Јапонија и најчесто расте во топли, умерени и суптропски региони. Зошто повторно расте во Велика Британија? Одговорот е климатски промени.

Ботаничарите во ботаничката градина „Вентнор“ на островот Вајт први произведоа машка цикада на отворено во 2012 г. Но минатата година пораснала и женска цикада, а со тоа се добило семе - првпат во милиони години.

Микроклимата на островот Вајт прави температурата на островот да биде неколку степени повисока отколку во останатиот дел на Велика Британија и затоа е идеална средина за овие праисториски растенија. Сепак, способноста на растенијата да растат на отворено покажува дека климата се менува.


Фото: Botanic

Крис Кид од ботаничката градина „Вентнор“ објаснува дека ботаничарите почнале да одгледуваат цикади пред 15 години како експеримент, а сега овие растенија ги преживуваат зимите, растат и произведуваат лисја, а тоа покажува дека климата навистина се менува. Топлинските бранови што ја погодија Европа во последните неколку години му помогнаа на растението да расте, додава Кид.

Сепак, иако ова е интересна вест, ботаничарите истакнуваат дека мора да се гледа поголемата слика. Овие промени во температурата имаат страшни ефекти врз други видови растенија.

Автор: Џесика Стјуарт
Извор: mymodernmet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука