X
 23.02.2022 Живот

Радиум-девојки: Темното време на светлосните часовници што убило десетици млади жени

1917 година - војната сè уште траела, но платата на младите девојки во фабриката „Јунајтед стејтс рејдиум компани“ била одлична, па тие мислеле дека имаат среќа што се вработени токму во таква фабрика.

Нивните плати биле трипати поголеми од просечната што ја добивале во тоа време, а нивната работа била прилично лесна. Требало да ги обојуваат броевите и стрелките на часовниците.

Но, бојата со која ги обојувале не била обична. Во неа бил додаден радиум за часовниците да светат навечер, што го олеснувало гледањето на часовникот во темните ровови.

Без исклучок, на радиум-девојките им било кажано дека бојата е безбедна за ракување, па практично не биле преземени никакви мерки на претпазливост. Освен тоа, за попрецизно нанесување на бојата, на девојките им се советувало слободно да ја лижат четката.

radium
Фото: Facebook

Нова технологија

Иако Пјер и Марија Кири првпат го идентификувале радиумот во 1898 година, а Марија успеа да го изолира во 1910 година, бојата со радиум во 1917 година била нов изум.

Двојката веднаш знаела дека нивното откритие е опасно. Но, Пјер и Марија работеле со големи количини чист радиум, и затоа било опасно - така се мислело во тоа време.

Конвенционалната мудрост што преовладувала во тоа време била дека малку радиум е добро за здравјето на луѓето.

Во почетокот на 20 век стотици илјади луѓе пиеле вода во која бил додаден радиум, користеле пасти за заби и козметика со радиум, што ѝ давала сјај на кожата.

Часовниците обоени со боја со радиум во текот на денот ја апсорбирале светлината, а потоа нивните бројки биле видливи во текот на ноќта. Тоа било научно чудо од тоа време.

За жал, тој светол елемент имал темна страна. Единствениот стабилен изотоп на радиум - радиум-226 - има полуживот од 1.600 години. Сѐ додека трае, секој примерок од радиум испушта алфа-честички во сите правци.

Нормално, алфа-зрачењето е безопасно ако е во мали дози. Безброј природни извори на ова зрачење може да се најдат во просечна кујна или бања. Го има и во природата. Надвор од телото, тоа е речиси безбедно. Но, во телото создава хаос.

Мажите што работеле во фабриката носеле заштитни престилки, но девојките немале никаква заштита. Тие биле советувани да ја лижат четката затоа што со лижење на врвот, четката добивала шилест врв, па била попрецизна.

Компанијата ја објаснила заштитната опрема на мажите со тоа што рекле дека мажите ракуваат со поголеми количини радиум.

Бојата останувала на девојките. Кога ќе ја завршеле работата, нивната облека светела, нивната кожа светела, а тие, убедени од претпоставените дека е безбедно, биле задоволни. Некои девојки почнале да носат вечерни фустани на работа во петок за да блескаат на подиумот во текот на викендот. Ги лакирале ноктите со радиум и го ставале на косата.

Работењето во фабриката во тие неколку години било забавно и добро платено. Многу девојки ги донеле во фабриката своите пријателки, сестри, внуки. До 1920 година цели семејства работеле во фабриката. На врвот на успехот, во неа работеле 300 девојки.

3
Фото: Wikipedia

Последици

Во јануари 1922 година Амелија Моли Меџ имала забоболка. Стоматологот ѝ рекол дека мора да ѝ го извади катникот. Неколку недели подоцна се вратила во ординацијата за да ѝ го извадат и другиот заб. Но, ниту една рана не зараснала - крвавеле и гноеле. Стоматологот морал да ѝ извади уште заби. Во мај стоматологот одлучил да направи операција за отстранување на апсцесот на Моли. Откако ѝ ги отворил непцата и видел коска, која изгледала сува, ја допрел со прстот. На негово чудење, коската му се распаднала под прстот.

Наместо да ја отстрани причината за инфекцијата, тој ѝ ја извадил целата коска со допир на прстите. Не знаел дека радиумот влегува во коскените клетки и ги лишува од калциум.

Тоа лето на Моли ѝ била отстранета целата вилица, како и делови од внатрешното уво. Во септември 1922 година, осум месеци по нејзината прва забоболка, Моли Меџ починала. Туморите ѝ ја притиснале југуларната вена, а грлото ѝ се наполнило со крв.

Моли не била единствената девојка на која ѝ се случило ова. Радиумот лесно поминува низ непцата и навлегува во крвта, така што во времето кога Моли се разболила, и другите девојки од работилницата имале многу чудни симптоми.

Едната претрпела целосен колапс на пршлените бидејќи радиумот на нејзиниот 'рбет го направил истото како и кај вилицата на Моли. Други развиле рак на кожа, катаракта, рак на грлото и други симптоми и болести кои се јавуваат по продолжено изложување на зрачење. Губеле заби и коса.

Во тоа време, иако радиумот бил познат како исклучително опасен, никој немал искуство со болест предизвикана од радијација. Смртта на Моли била објаснета со сифилис, а тоа фабриката со задоволство го објавила откако почнаа да се зголемуваат обвинувањата.

До 1924 година фабриките и независните тела наизменично нарачувале студии кои ја докажувале или негирале безбедноста на радиумот. Тие разменувале студии додека Харисон Мартланд не почнал да го проучува овој проблем во 1925 година.

Мартланд повторно го отвори случајот на Моли. Излегло дека причината за смртта тогаш ја утврдиле лаици. Во тоа време Мартланд, како медицински службеник во округот Есекс, го укинал системот на порота и ангажирал компетентни лекари.

Очекувано, на телото на Моли немало знаци на сифилис, туку било оштетено од радијација. По преглед на неколку лешеви бил донесен истиот заклучок.

Фабриката на крајот банкротирала поради судски и медицински трошоци.

Добри и лоши вести

Објаснувањето дошло премногу доцна за повеќето радиум-девојки. Многу од нив починале млади, најчесто во големи болки и страв. Преживеаните имале ослабени коски, ги изгубиле забите и развиле различни форми на рак (што можело да биде предизвикано од изложување на радиум како тинејџери, но не мора да значи).

По долга судска битка, некои од девојките добиле отштета, а имало и такви што не добиле.

Нивната жртва не била залудна. Работата на д-р Мартланд привлекла внимание и во 30-тите години неколку истражувачки институти му се обратиле за совет за безбедно ракување со штетните елементи ураниум и плутониум.

Децении подоцна, Комисијата за атомска енергија на САД била благодарна за истражувањето и искуството стекнато во фабриката што ѝ помогнало да осмисли протоколи за ракување и безбедност кои зачуваа илјадници други млади работници за време на Втората светска војна.

Дури и денес се цитира работата на д-р Мартланд за девојките со радиум и ефектите од долготрајната изложеност, и не е погрешно да се каже дека десетици илјади луѓе во светот имаат корист од она што е научено од искуството на овие девојки.



Извор: National Geographic
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот