Дигиталниот уметник Марина Амарал веќе три години ги оживува историските фотографии, а неодамна го објави своето најново дело - последни фотографии од 14-годишната Полјачка Чеслава Квока, затвореничка во „Аушвиц“. Марина успеала да ѝ вдахне живот на црно-белата фотографија и уште повеќе ја потенцирала трагичната судбина на Чеслава.
„Тешко е да ја гледате в очи подолго време ако знаете што ѝ се случило. Сакав да ѝ дадам на Чеслава можност да ја раскаже својата приказна, што е воедно судбината на многу жртви покрај неа“, вели Марина.
„Многу е лесно да се поистоветуваш со некој кога го гледаш во боја. Сфаќаме низ што поминала таа и другите затвореници кога ќе ги видиме лузните и крвта на нивното лице. Холокаустот не започна веднаш со масовни убиства. Започна со реториката на омразата“, вели таа.
Оригиналните фотографии биле направени од Вилхелм Брасе, познат како „фотограф од концентрациониот логор Аушвиц“.
„Добро се сеќавам на создавањето на оваа фотографија. Изгледаше толку беспомошно и детинесто. Кога пристигна во кампот, не сфаќаше што ѝ зборуваат. Затоа, надзорничката на затворениците го зеде пендрекот и ја претепа. Толку убаво, младо и искрено девојче. Таа плачеше, но не можеше да направи ништо. Пред да ја направам фотографијата, девојчето ги избриша солзите и крвта од расечената уста. Да ви кажам искрено, се чувствував како мене да ме тепаа, но не смеев да се мешам. Тоа би имало фатален исход за мене“, изјавил покојниот фотограф Вилхелм.
Чеслава била една од „приближно 230.000 деца и млади под 18 години“, од вкупно 1.300.000 луѓе што завршиле во
Аушвиц од 1940 до 1945 година. На 12 март 1943 година, Чеслава починала во својата 14. година, под непознати околности.